Во рамки на денешната трибина ,,Како станавме увозно зависни за храна?“,, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, истакна дека за да се задржат младите во Македонија, важно е да се обезбеди поддршка за нив во земјоделството. Во таа насока, најави кофинансирање на инвестиции во земјоделски задруги и грантови за млади земјоделци, кои ќе ги мотивираат да влезат во процесот на производство. Исто така, Владата ќе продолжи со спроведување на ИПАРТ мерки, кои обезбедуваат финансиска поддршка за модернизација на земјоделството и зголемување на конкурентноста. Овие мерки се клучни за враќање на довербата во институциите и стимулирање на земјоделското производство.

,,Имаме земјоделци кои се над 55 години старост, премногу малку или воопшто нема влез на свежа енергија, работна сила, млади земјоделци кои ќе го продолжат процесот на производство на земјоделски производи. Во системот кој го води министерството, имаме некаде околу 65.000 земјоделци, иако таа бројка пред 10 години беше двојно поголема од ова што е денеска, затоа што овие негативни политики, задоцнети мерки и негрижа на институциите доведоа до тоа да се занимаваат со земјоделство само тие кои едноставно мораат или се по традиција земјоделци, меѓутоа нема и свежа работна сила. Имаме празни села, сериозна миграција на младите луѓе, не само во поголемите градови, туку и надвор од државата, затоа што гледаат дека нивното семејство кое ги одгледало од земјоделство, нема просперитет, нема економска оправданост, и тука настанува тој процес на прекинување на алката во делот на продолжување на оваа традиција“, изјави Трипуновски.

Трипуновски нагласи дека ако Македонија не обезбеди нова работна сила во земјоделството, ќе го прекине производствениот процес. Тој истакна дека за Македонија да стане повторно аграрна држава, потребна е поголема поддршка од институциите и Владата. Тој додаде дека во последните седум месеци, ВМРО-ДПМНЕ постигна историски највисока цена за земјоделците, покажувајќи дека со заеднички напори може да се постигнат резултати и да се врати довербата во институциите.

,,Ако Македонија како аграрна држава го прекинеме ланецот да имаме влез на нова работна сила, го прекинувањето на производството. Кога еден земјоделец ќе го напушти земјоделството, продава механизација, ги дава нивите под кирија или ги продава, и тој заминува надвор и многу е тешко да го вратиме. Затоа сметам дека имаме сериозен предизвик – Македонија повторно да биде аграрна држава. Изминативе 7 месеци како власт покажавме навистина како се сака Македонија, како се сака македонскиот земјоделец, како се сака македонското земјоделство. Минатата година заедно со земјоделците, лозарите и винарските визби постигнавме историски највисока цена. Крајната цел е самите земјоделци да си го договараат земјоделството со оние кои го откупуваат“, додаде Трипуновски.

Трипуновски истакна дека со заедничка работа со премиерот Мицкоски и земјоделските здруженија, се постигнала рекордна цена за тутунот од 400 денари по килограм, што значи влез на околу 198 милиони евра за 30.000 тутунопроизводители. Тој нагласи дека и со градинарите се постигнати договори за рентабилност и зголемена продукција, што ќе има позитивен ефект на реколтата за 2025 година.

,,Заедно со премиерот на неколку состаноци кои ги одржавме со земјоделските здруженија од областа на тутунопроизводството, со компаниите кои откупуваат, постигнавме исто така рекордна цена за тутунот, која што веќе се заврши пред некој ден. Се откупија над 24 милиони килограми македонски квалитетен тутун, постигната е цена од 400 денари како просечна откупна цена, за што државата одвои дополнителни 100 денари субвенција, значи вкупната сума по килограм е 500 денари. Кај овие 30.000 семејства кои произведуваат тутун, ќе влезат близу 198 милиони евра средства кои ќе значат сериозна егзистенција на нивните семејства и веќе фокусот во наредната сезона го враќаме и во делот на квантитетот на тутунопроизводството, за да биде во некогашните граници, а тоа е близу 30 милиони килограми“, нагласи Трипуновски.

Трипуновски најави значајна финансиска поддршка за земјоделците во 2025 година, со акцент на клучните култури како тутун, лозарство, градинарство и млекопродукција. Програмата за рурален развој ќе вклучува грантови за млади земјоделци и кофинансирање на инвестиции во земјоделски задруги, со цел да се зголеми конкурентноста. Владата ќе продолжи да го стимулира земјоделството преку ИПАРД мерки, со цел да стане еден од главните носители на економијата.

,,Во програмата за финансиска поддршка за 2025 година и програмата за рурален развој за 2025 година, имаме акцент на битните земјоделски култури кои се важни за Република Македонија, како што се тутунопроизводството, лозарството, градинарството, млекопродукцијата. Исто така, земјоделците ќе добијат дополнителна поддршка, што ќе значи сериозна помош во овие тешки моменти, за да се врати довербата во институциите и да се спречи негативниот тренд на падот на земјоделското производство. Во делот на програмата за рурален развој ќе се осврнеме на два елементи: грантови за млади луѓе кои ќе влезат во процесот на земјоделско производство и кофинансирање на проекти за кои ќе аплицираат. Вториот сегмент е во делот на задругарството, бидејќи сметаме дека задругите се еден од клучевите во решавањето на проблемот со конкурентноста на македонските земјоделци. Ќе кофинансираме различни инвестиции во тој сегмент, иако тој процес во минатото беше многу закочен, дури имаше и период кога земјоделските задруги не беа уредени со закон. Ние моравме на брза лента во август да го смениме законот. Во тој дел ќе имаме јавен повик каде што ќе ги кофинансираме и помогнеме овие типови на земјоделски задруги. Паралелно продолжуваме со спроведување на ИПАРД огласите. Во моментот тече оглас за мерка 1, која трае до крајот на месецот. Заедно со Агенцијата за поттикнување и развој, со подрачните единици и платежната агенција ќе се формираат инфо денови, за да ги спремат апликациите и да ги искористиме сите средства кои се на располагање. Сакаме повторно земјоделството да биде еден од главните столбови на нашата економија и сум уверена дека ќе имаме сериозен напредок во овој дел“, заклучи Трипуновски.