Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска смета дека земјава пристапува кон фискална консолидација побрзо од она што било планирано во 2024 година. Како што изјави денеска, се очекува до крајот на април да биде завршена фискалната стратегија за следните пет години врз чија основа потоа, како што е предвидено или со забрзано темпо ќе може да се елиминираат прекршувањата во рамки на Законот за буџети или на фискалните правила.
Според Димитриеска Кочоска, буџетскиот дефицит е се уште проектиран на над три отсто, а јавниот долг во овој момент е под 60 проценти.
Министерката истакна дека има одлична соработка со Фискалниот совет и секогаш ги смета за добредојдени неговите сугестии кои многу често, истакна, се совпаѓат и со нејзините заклучоци.
-Генерално, во однос на одредени потенцирани фискални ризици што Советот ги кажува и ние се согласуваме дека постојат и како резултат на тоа преземаме мерки за да се справиме со нив. Фискалната стратегија што беше подгтовена од Министерството за финансии во септември 2024-та имаше за цел фискална консолидација која не може да се постигне преку ноќ зашто кога сте имале прекумерни трошења и прекршувања на овие правила подолг период, потребно е време за да се спроведе таа фискална консолидација, нагласи Димитриеска Кочоска.
Тоа што е прва министерка за финансии која го почна мандатот со Фискален совет, за неа не претставува товар.
-Напротив. Секоја комуникација или разговор со стручни луѓе може да биде само плус во работењето ако ви се чесни намерите. Имам одлична соработка со членовите на Советот, нивните предлози и сугестии и она што го констатираат во извештаите е во голема мера и она што јас го имам заклучено, така што, добро ми доаѓа зашто ги поткрепуваат и моите заклучоци. Тие ги констатираат, а ние сме извршителите кои треба на некој начин да се справуават со ризиците и потребно е време, но верувам дека заеднички, по нивните препораки и она што ние сме го констатирале, во пократок временски период ќе успееме комплетно да направиме фискална консолидација, потенцира министерката.
Претседателот на Фискалниот совет Глигор Бишев го повтори она што го кажа претходно денеска во Собранието, дека од аспект на законската рамка со ЕУ во најголем дел сме усогласени, но останува да се поработи на нивната приемена.
-Нашето искуство е се уште кратко, година и пол. Ги користиме најдобрите пракси и искуства од земите на ЕУ, успеавме да се конституираме и да дадеме соодветни мислења за клучните документи за фискалната политика. Нашиот Закон за буџети од 2022 година кој ги предвидува Фискалниот совет и фискалните правила ги има инкорпорирано и најновите препораки клучни за членките на ЕУ. Останува да изградиме практика на нивна примена и да ги унапредуваме фискалните политики за да обезбедиме макроекономска стабилност и економски раст. Од аспект на законската рамка со ЕУ во најголем дел сме усогласени, останува да изградиме човечки капацитет на вработени кои ќе можат да подготвуваат соодветни анализи, мислења, да ги следат макроекономските движења и претпоставки, како и да укажуваат до Владата и Министерството за финанси кои се потенцијалните ризици, нагласи Бишев.
Тој потсети дека фискалните органи се сметаат за независни тела кои на долг рок треба да направат пообјективна проценка за потенцијалните ризици во однос на владите кои се составени од политички партии и имаат пократкорочни видувања.
-Фискалните совети секаде во светот, во ЕУ и кај нас, ја немаат улогата да носат мерки и да управуваат со финансиите. Тоа си го прави Владата, рече Бишев.
Министерката и Бишев учествуваа на конференцијата за фискалното управување на Европската унија и улогата на Фискалниот совет, организирана од Фискалниот совет на Македонија заедно со Светска банка.