Министерството за здравство вечерва соопшти дека во домашните здравствени установи низ државата згрижени се над 140 пациенти од трагичната несреќа во Кочани. Дел од пациентите се префрлени во здравствени установи во странство и тие се наоѓаат во стабилна состојба.
За сите информации поврзани со состојбата на пациентите кои се наоѓаат во странство, како контакт лице е именуван проф. д-р Игор Николов, кој е достапен на телефонскиот број: +389 72 270 648.
Во Истанбул се пристигнати тројца пациенти, а дополнителни шест се очекува до полноќ да пристигнат во Анкара. Во Бугарија се хоспитализирани 14 пациенти, а во Грција згрижени се четворица пациенти. Во соседна Србија се хоспитализирани пет пациенти, а дополнително уште 12 лица со воен авион се на пат за Белград.
Во текот на утрешниот ден се очекува да бидат испратени по четворица пациенти во Хрватска и Романија, а утре се очекува медицински авиони за транспорт на пациенти да испратат и Словенија, Унгарија и Австрија.
Како дополнителна поддршка во справувањето со кризата, во земјата е пристигнат медицински тим од ВМА Белград, а се очекуваат и медицински тимови од Чешка, Израел и Белгија, кои ќе се приклучат на напорите за обезбедување соодветна здравствена грижа.
Од раните утрински часови во Клиничкиот центар е формиран кризен штаб кој е во постојана комуникација со Министерството за внатрешни работи и Министерството за надворешни работи.
– Тимовите на здравствените установи се целосно ангажирани за обезбедување соодветна медицинска нега, а состојбата на сите пациенти се следи внимателно, при што се спроведуваат конзилијарни одлуки за натамошните медицински постапки, информираа вечерва од Министерството за здравство.
На Клиничкиот центар во Скопје беа хоспитализирани 20 пациенти и исто толку во ГОБ „8 Септември“, а 21 пациент згрижени во Универзитетската клиника „Св. Наум Охридски“. Во Клиничката болница Штип хоспитализирани се 20 пациенти, во Општата болница Кочани седум и двајца пациенти има на Клиниката за токсикологија.
Фото: МИА архива