Еврокомесарката за проширување Марта Кос денеска изјави дека прекуграничната соработка „отсекогаш била инкубатор за проширувањето на ЕУ“ и рече дека нејзиниот сон е целиот Западен Балкан да се интегрира во Европската унија, а да исчезнат границите и билатералните спорови.

„Мојот сон е целиот Западен Балкан да биде интегриран во ЕУ и да видиме да исчезнуваат границите и билатералните конфликти исто како што исчезнаа во многу други делови од нашиот континент, а особено овде на италијанско-словенечката граница. Го гледам тоа како дел од мојата мисија да помогнам да се осигурам дека билатералните спорови од минатото нема трајно да застанат на патот на нашата заедничка иднина. Знаеме дека решенијата се можни“, рече Кос на „Intereg GO!“ настан, одржан во италијанскиот град Горица и словенечкиот град Нова Горица.

Во исто време, таа оцени дека е фрустрирачки да се види дека „толку многу потенцијал останува нереализиран на Западен Балкан поради билатералните тензии и нерешените спорови.

„Прекуграничната соработка отсекогаш била инкубатор за проширување. Тоа е често првиот чекор во рушење на границите што ги делат Европејците“, посочи Кос. Во тој контекст, таа, меѓу другото, ја посочи и програмата Интерег за регионот на Дунав, која предвидува повеќе од 130 проекти за соработка во оваа историска културна област, „која се протега од Шварцвалд преку Србија па се до Украина“.

Интерег е серија програми финансирани од ЕУ за поддршка на соработката, а Кос изрази задоволство што од јули минатата година, програмата за соработка Интерег Европа е отворена за Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Молдавија, Црна Гора, Македонија и Украина.

„Овие земји сега имаат целосен пристап до 394 милиони евра финансирање за прекугранични политики, и тоа е прекрасно“, рече Кос, додавајќи дека тоа е поврзано со постепената интеграција на кандидатите на единствениот пазар на ЕУ.

Како пример, таа ги наведе плановите на ЕУ за воспоставување зелени ленти на границите во Западен Балкан, кои, според неа, доколку целосно се спроведат, ќе помогнат да се намали времето на чекање на границите за 50 до 70 проценти.

„За секој извозник од Западен Балкан во ЕУ, ова ќе биде огромно. Светската банка проценува дека дури и тричасовното намалување на времето на чекање може да го зголеми регионалниот БДП за 3 отсто“, рече Кос.

Комесарката заклучи дека „рецептот за помирување“ е европскиот проект, регионалната соработка и негувањето доверба меѓу заедниците. „Сега, повеќе од кога било, мораме да инсистираме на тоа, бидејќи за прв пат по повеќе од една деценија, имаме реални шанси да внесеме една или повеќе земји во процесот на проширување во ЕУ“, рече Кос, пренесува Танјуг.