Лозари од неготинското село Курија ги покрија виновите лози за да ги заштитат од пролетни ниски утрински температури, што години наназад предизвикуваат мрзнење на лозјата. Станува збор за семејството Ставрови, кое обработува речиси 40 декари под лозови насади. Во изјава за МИА, браќата Стефан и Дарко појаснија дека одлучиле виновите лози да ги покријат со агрил, што вообичаено го користеле за покривање на раноградинарски култури како зелка, пипер и други, за да се спасат од мрзнење.
– Најавени беа ниски утрински пролетни температури. За да ги спасиме нашите лозја од мрзнење, се одлучивме на ваков чекор, да ги покриеме со агрил, што кај нас во Тиквешко, како најголем лозаровинарски регион во државата, го викаме филц. Ги покривме само тие лозови насади што се во пониските делови, поблиску до селото, што повеќе може да бидат оштетени од ниски утрински пролетни температури, во овој период од годината. По не е страшно за лозјата во повисоките делови, што се поотпорни на мрзнење, поради повисоки температури за два до три степени целзиусови, појаснија двајцата браќа.
Ова им било прва година за вакво нешто, па ако има успех, ќе го практикуваат и во иднина. Веќе имало лозари што биле заинтересирани за ваков своевиден начин на заштита.
Драган Николов, советник во кавадаречката подрачна единица на Агенцијата за поттикнување на развојот во земјоделството, рече за МИА дека ова е можеби скап метод за заштита, чини околу пет илјади денари од декар, но дека е сигурен и ги штити лозите од мрзнење во овој период од годината, од доцни пролетни мразови.
– Некои лозари се обидуваат да се спасат од ниските пролетни утрински температури и со тоа што палат огнови околу лозјата. Има и такви кои ја оставаат резидбата на виновни лози како операција за подоцежна пролет кога веќе нема опасност од оштетувања од пролетни ниски утрински температури. Всушност, тоа е и моја препорака, за порани сорти во подепресивни предели, подвлече Николов.
На сите нив, истакна тој, заедничко им е што се грижат за своите винови лози и на секаков можен начин се обидуваат да ги заштитат, со крајна цел квалитетно грозје и квалитетни производи од грозје.
Во Тиквешко деновиве имаше и препораки за начини на третирање на лозјата со препарати, за спас од мрзнење.
Како последица на мрзнење, веќе има штети кај овошките. Кај кајсиите и бадемите, како и кај праските, во најголемиот регион за производство на праски во државата, росоманскиот. Имаше и јавни повици од општините Кавадарци и Росоман, за земјоделците да пријават штети кај овошките.
Фото : Стефан и Дарко Ставрови од Курија