Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека погребната миса на папата Франциск била и збогум и „настан што дава надеж“.
„Франциск беше мој личен познаник и инспирација, охрабрувач и промотор на мировната иницијатива. Изгубив пријател, а и Унгарија, бидејќи Светиот Отец нè сакаше. Во средината на тековните војни на неколку места низ светот, аспектите од наследството на Франциск што се фокусираа на мирот нè опкружуваат. Денес, сè беше посветено на мирот и крајот на војната“, рече Орбан во изјава за ТВ2 по погребот на поглаварот на Римокатоличката црква, што се одржа денес во Рим.
Орбан рече дека пораката на денот е „бидете храбри и помирете се“. На прашањето дали светските лидери ќе ја разберат пораката, Орбан рече: „Ако можам јас, тогаш сигурно и другите можат. Дали можат да се покорат на таква наредба е потешко прашање. Во исто време, шансите се поголеми со американскиот претседател (Доналд Трамп) на чело на мировната кампања“.
Орбан нагласи дека следниот папа ќе мора да обликува ставови за многу тешки прашања „со цел повторно обединување на Католичката црква и да им даде здив на различните трендови во црквата“, а тоа, како што оцени, „ќе биде повеќе интелектуална отколку организациска задача“.
На прашањето за шансите на кардиналот Петер Ердо, поглаварот на Унгарската католичка црква, да биде следниот папа на конклавата, Орбан одби да шпекулира.
„Можам со сигурност да кажам три работи. Прво, дека Унгарија има многу за што да ѝ биде благодарна на Католичката црква. Второ, дека Унгарија има многу за што да биде благодарна на кардиналот Ердо… и трето, кардиналот Петер Ердо има извонреден интелект.“ На прашањето каква е неговата порака до Унгарците на националниот ден на жалост за погребот на папата, Орбан рече: „Тишина, длабоки мисли, саморефлексија и утре треба да се разбудиме како подобри луѓе“, пренесува Танјуг.