Јованка КЕПЕСКА
Се чини дека во целата историја на нашата самостојност договорите за одделни општествени прашања станаа основа за дејствувањето на политиката, но и на профилот на државата. Одново во политичката реторика се внесува поимот „ќе се договориме“. Нешто што се брани дека притоа станува за почитување на укажаните „аргументи“ во разговорите за да дојде до договор. Станува збор за политичките договори кои, доколку се постигнат, го профилираат концептот на општеството.
Врз основа на политички договори се конципирани и Охридскиот договор, и Договорот во Преспа, а и Договорот за пријателство со Бугарија. Ако таквите договори не се засновани врз (политичката) теорија, релевантна за определената проблематика и применета во светски размери, надвор и од правните претпоставки, таквите договори стануваат, помалку или повеќе, кочница во развојот на општеството наспротив очекуваното. Поради многу причини кај нас изразен е анимозитет кон теорискиот приод како што има и непознавање во политиката, па оттаму и примената на политички решенија без теориска подлога или, евентуално само прибегнување кон решенија во позитивното право. Да потсетам, ваквите договори се одлука на целото општество и оттаму и потребата за удлука преку референдум што мора да се почитува.
Куриозитет е, на пример, пледоаето, нажалост, од еден, би се очекувало, врвен професионалец, кој образложи за Преспанскиот договор, како за потребен, од кој науката ќе извлекувала сознанија. Наместо да биде спротивното, од науката да се конципира договорот.
Надвор и од тоа што договорите се конципираа надвор од Уставот како основен општествен договор.
Наместо што, се прибегнува за еден, субјективистички, приод кој не разрешува процеси туку ги усложнува.
Постои, одново притисок за нови договори, главно, за меѓуетничките односи во нашето општество. И поново нивната претпоставка е волунтаризмот применет во евентуални договори помеѓу политичките субјекти за разрешување на општествени односи. И наместо да се разговара за примена, операционализација, на правно разрешените односи. И одново за да се остане на позициите на политичките односи, сфатени како односи на сила (врз основа на силата на гласачкото тело, бројот на пратеници) наместо на вертикалата на помирувањето на теоретското сознание и политичката пракса.
Дали е, притоа, возможно на се преустреми конечно проблематиката на разговорите и договорите на развојот на економијата и на културата?
На прашањата на егзистенцијата на луѓето и на понатамошната идентификација на македонскиот народ и народите во Македонија? Вистинското прашање во културата (не само како за фолклор) како вистински творечки натпревар меѓу народите, начинот на живеење, менталитетот и образованието и степенот на кој се наоѓаат тие? Како малку заборавени теми, а толку важни. И кои се вистинската основа за разрешување политичките разговори и договори.