Денеска Владата ја одржа 77-та седница на која се донесоа неколку значајни одлуки во интерес на граѓаните, информира портпаролката Љатифи Азизи.

На седницата беше разгледана Информацијата со Предлог-програма за финансиска поддршка на проекти од областа на младите, на младинските организации, организациите за млади и младински чадор организации за 2025 година преку Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Преку Министерството ќе се дадат грантови за проекти од областа на младите, на младинските организации во износ не поголем од 300.000 денари.

Проектите и апликациите треба да се насочени кон следните приоритетни цели и тоа:

1.зајакнување на влијанието на младите во сите процеси на донесување одлуки на локално и национално ниво врз основа на соодветна правна рамка;

2.препознавање на младинската работа како клучна алатка за помагање на позитивниот личен и социјален развој на младите;

3.оспособување на младите со знаења и вештини за медиумска и дигитална писменост кои препознаваат дезинформации и ги артикулираат сопствените интереси и ставови како активни граѓани во општеството со развиена критичка свест;

4.зголемување на свеста и имплементација на мерки за намалување на врсничко насилство, родово базирано насилство, сајбер безбедност и дигитална хигиена во рамките на образовните институции и

креирање на иновативни решенија за намалување на невработеноста на младите и промоција на мерки за самовработување и претприемништво.

Се со цел да се запази транспарентноста, ќе се објави јавен повик при што претставници од Министерството и Генералниот секретаријат ќе ги разгледуваат апликациите и проектите, додека пак распределба на средствата ќе се врши согласно правилник за распределба.

Исто така, Владата го одобри предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за локална самоуправа. По одобрувањето од страна на Собранието, овие измени ќе донесат значителни подобрувања во функционирањето на општините, зголемување на транспарентноста, граѓанското учество и административната ефикасност.

Почитувани граѓани,

Владата продолжува да работи посветено и одговорно за вас. Ние се обврзавме на реформи, промени и проекти, тоа и го испорачуваме.