Нема да имаме „блек аут“ како во Шпанија и во Португалија. Подготвени сме и се надеваме дека нема нешто такво да се случи. Не сме 100 проценти сигурни, но со 90-отстотна сигурност можам да го тврдам тоа, порача денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Нагласи дека ситуацијата постојано се следи и се мониторира.
– На моја иницијатива, во соработка со МЕПСО и Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) веќе разговаравме. Првпат за велигденските празници донесовме одлука за исклучување на производители на електрична енергија од мрежата што траеше само за Велигден. Сите служби веднаш реагираа и исклучувањето беше само мал период. За 1 Мај немаше исклучувања од мрежата. Активно работиме и летово нема да има исклучување од мрежата. Тоа може да се случи само за празници во периодот април –мај кога индустријата не работи, прецизира Божиновска во одговор на прашање по потпишувањето на договороѕ за изградба на гасниот интерконектор со Грција.
Нагласи дека во МЕПСО се преземаат сериозни мерки и сите вработени во диспечерскиот систем работат на тоа во соработка со Здружението на европските преносни систем оператори ENTSO.
– Од нив имаме некои упатства што треба да преземеме за да бидеме уште подобри и со нив имаме константна комуникација, а наскоро ќе дојдат тука и ќе имаме обука. Уредбата за исклучување на производители од мрежата е на сила до октомври и будно секој час се следи ситуацијата, рече Божиновска и додаде дека од Велигден немало исклучувања.
Неодамна во Шпанија и Португалија се случи комплетен „блек аут“, односно колабирање на системот за снабдување со електрична енергија поради намалена потрошувачка на струја за време на празниците кога не работи индустријата. Со цел да се спречи таквата појава и кај нас за велигденските празници краток период од системот беа исклучени производители на електрична енергија од обновливи извори, претежно од фотоволтаици.
ИЗВОР: МИА