Македонскиот раскол, благодарение на Божјата љубов и промисла е исцелен, па сега таму имаме браќа и сестри во потполната смисла на зборот, изјави српскиот патријарх Порфириј во интервју за рускиот теолошки портал „Богослов.ру“, дадено за време на неговата неодамнешна посета на Русија.

Осврнувајќи се на надминатите недоразбирања и признавањето на Македонската православна црква, Порфириј истакнува дека одлуката во СПЦ била донесена едногласно, со полнотата на Соборот, водејќи се од црковниот етос, а не од земските интереси, исклучиво за спасението на луѓето кои живеат и на територијата на Македонија.

– Многу луѓе тоа не можат да го разберат, па некој од нашата црква вели: ‘Направивте компромис, ги предадовте интересите на српската црква, на српскиот народ, продадовте српски земји’ итн. Меѓутоа, историски гледано, дури и во канонската смисла на зборот, црковните територии, епархиите на просторот на денешна Македонија, припаѓале на јурисдикцијата на нашата црква само од 1920 до 1966/67 г. А, во сите други историски периоди, дури и во времето на свети Сава, епархиите, во црковната смисла на тој збор, од територијата на денешна Македонија, не ѝ припаѓале на Српската православна црква. Значи, дури и да погледнеме во контекстот кој всушност не постои за нас, да речеме дека е ’легитимен’, дури и во таа смисла не направивме нешто што е спротивно на ’интересите на Српската православна црква’. Друго нешто е тоа што во политичката смисла на тој збор, тие територии некогаш им припаѓале на владетели на српските држави. Понекогаш српските владетели имале свои територии длабоко во Грција, некои дури имале амбиции и биле толку моќни, да станат цареви на Византиското царство. Меѓутоа, како црковни луѓе никогаш не смееме да ги мешаме политичките параметри и контексти со црковните контексти, но дури ниту тоа не е суштински важно за Црквата. За Црквата е суштински важна грижата за спасението на конкретниот човек. Црквата ги има сите можности, право и обврска, размислувајќи за спасението на секој човек, да донесува одлуки кои му служат на тоа спасение и во овој конкретен случај, како што тоа е случај и во принцип кога зборуваме за начинот и за одлучувањето и за структурата и природата на православната Црква, посочува српскиот патријарх.