Европската комисија, Советот на Европа и претставниците на меѓународна коалиција на држави што учествуваа на вчерашниот министерски состанок во Лавов, меѓу кои беше и Македнија, формално се согласија да поддржат формирање на Специјален трибунал за злосторството агресија врз Украина, соопшти Еврокомисијата.
– Сите учесници, според Изјавата од Лавов, го поздравија финализирањето на подготвителната работа потребна за формирање на Специјален трибунал во рамките на Советот на Европа. Тие се обврзаа на формирање на Специјалниот трибунал, на брзо започнување на неговото работење и на негова поддршка во неговата работа, се наведува во соопштението.
Претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен истакна дека ЕУ целосно го поддржува Специјалниот трибунал за да бидат повикани на одговорност виновниците за „гнасното злосторство агресија врз Украина“.
– Додека го славиме Денот на Европа, се приближуваме кон правдата за народот на Украина. Народот на Украина заслужува правда и ние ќе направиме се што е во наша моќ за да се осигураме дека ќе ја добие, порача Фон дер Лајен.
Според високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, ваквата согласност претставува решителен чекор кон обезбедување правда за Украина.
– Специјалниот трибунал ќе овозможи оние кои се најодговорни за агресијата врз Украина да бидат повикани на одговорност. Документиран е секој дел од руската војна. Тоа не остава простор за сомнеж во очигледното кршење на Повелбата на ОН од страна на Русија и не остава простор за неказнивост. Агресијата на Русија нема да остане неказнета, нагласи Калас.
Еврокомесарот за демократија, правда, владеење на правото и заштита на потрошувачите Мајкл Мекграт, пак, оцени дека оваа согласност е клучен момент за правдата, меѓународното право и иднината на Украина.
– Одиме напред, не само со зборови, туку и со конкретни инструменти. Го поддржуваме Специјалниот трибунал за злосторството агресија врз Украина, истакна Мекграт.
Тој потенцира дека ЕУ ги предводеше активностите за обезбедување правда, со цел одговорните за оваа „илегална војна на агресија“ да бидат доведени пред лицето на правдата.
– Со ова ја потврдиме нашата непоколеблива посветеност да овозможиме поредокот заснован на правила да триумфира над агресијата, произволното владеење и неказнивоста, додаде Мекграт.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, се предвидува Трибуналот да има овластувања да истражува, гони и суди руски политички и воени лидери, за кои ќе биде оценето дека носат најголема одговорност за злосторството агресија врз Украина.
Судот би требало да се формира врз основа на договор склучен меѓу Советот на Европа и Украина.
Советот на Европа треба да воспостави потребната рамка за основање на Специјалниот трибунал, а по неговото формирање украинските национални власти ќе можат да ги пренасочат тековните домашни истраги и гонења поврзани со кривичното дело агресија до Обвинителството на овој Суд.
Доказите собрани во текот на работа на Меѓународниот центар за гонење на кривичното дело агресија (ИЦПА), што функционира во рамките на Евроџаст, по потреба, исто така, ќе бидат доставени до Обвинителството на Специјалниот трибунал.
Фото: ЕК