Во текот на денешниот и утрешниот ден престојувам во работна посета на Кралството Шведска – пријателска земја со која не поврзуваат одлични билатерални односи, стабилно партнерство и цврсти врски преку бројната македонска дијаспора, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Тој истакна дека, посетата ја започнал во црквата „Св. Наум Охридски“.
„Особена чест е што сум првиот министер за надворешни работи кој присуствувал на утринска литургија и остварил средба со претставници на македонската заедница во овој дел од Шведска. Средбата беше можност да ги слушнам нивните иницијативи и очекувања, да ги информирам за владините политики за јакнење на врските со дијаспората и да го потврдам нивниот значаен придонес во промоцијата на македонската култура и одржувањето на блиските односи меѓу двете земји.
Во организација на Обединетата Македонска Дијаспора, во Трелеборг остварив и средба со македонски стопанственици кои успешно делуваат и инвестираат во Шведска. Разговаравме за економските потенцијали на нашата држава, можностите за нови инвестиции, како и за улогата на дијаспората во унапредувањето на економската и трговската соработка меѓу двете земји“, додаде тој.
Утрешниот ден е резервиран за низа политички средби на високо ниво, потенцира министерот Муцунски во објавата.