Најавата за стратешко партнерство со Обединетото кралство особено ако се потврди и најавениот инвестициски пакет од 5 милијарди фунти, како и соработката во трговијата, инфраструктурата, енергетиката, доброто владеење и борбата против организираниот криминал, ќе биде сериозен импулс за македонската економија, со пристап до поголеми пазари, поттикнување на извозот и привлекување странски инвестиции, нови работни места, оценува во изјава за МИА поранешниот министер за финансии Кирил Миновски.

Според него, доколку се реализира со вистинска политичка волја и стратешки пристап, овој договор може да биде вистински чекор напред во меѓународниот имиџ и економската иднина на Македонија.

Миновски укажува дека Македонија како мала држава и економија, во денешниот глобален контекст, мора да гради стратешки сојузништва со земји кои имаат капацитет да влијаат врз светските текови на политика, економија и безбедност. –  Една од тие земји е и Обединетото Кралство, кое, по излегувањето од Европската Унија, сè повеќе го пренасочува својот фокус кон билатерални односи, особено во региони од стратешко значење како што е Западен Балкан. Истовремено, со тоа што САД сè повеќе се фокусираат на внатрешни прашања и Индо-Пацифичкиот регион, Обединетото Кралство станува сè поважен партнер за нашата надворешна политика. Историски, Велика Британија има континуирано присуство и интерес во регионот на Балканот. Најавата за стратешко партнерство, особено ако се потврди и најавениот инвестициски пакет од 5 милијарди фунти, како и соработката во трговијата, инфраструктурата, енергетиката, доброто владеење и борбата против организираниот криминал, би претставувала сериозен импулс за македонската економија, вели Миновски за МИА.

Од економски аспект, потенцира, пристапот до поголеми пазари е особено значаен. Велика Британија е водечка земја во Комонвелтот, што отвора можности за поттикнување на извозот и привлекување на странски инвестиции. Веќе имаме позитивен пример во компанијата „Џонсон Мети“, која е еден од најголемите странски инвеститори во Македонија, како и присутност на британски компании во рударството.

Според Миновски, постојат сериозни потенцијали и во сектори како што се земјоделството, автомобилската и одбранбената индустрија, ИКТ услуги, финансискиот сектор и логистиката, а инвестициите во железничката инфраструктура, особено поврзани со модернизацијата на Коридорот 10, што се најавени со договорот,  потенцира дека се клучни за долгорочната економска одржливост.

– Заокружувањето на Коридорите 8 и 10 – и патната и железничката инфраструктура посочува дека би придонело не само за регионалното поврзување, туку и за раст на домашниот бруто-производ преку зголемена потрошувачка и вработување.  Во делот на енергетиката Велика Британија е глобален играч и може да биде важен партнер и во изградбата на капацитети како хидроцентралата „Чебрен“, но и во развојот на обновливи извори на енергија и евентуално мали модуларни нуклеарни реактори. Дополнително, Обединетото Кралство е светски лидер во финансиските услуги и проектниот менаџмент. Тие имаат долгогодишно искуство во управување со јавни проекти, транспарентност, борба против корупцијата и создавање стимулативна деловна клима – области каде Македонија може значително да напредува со стручна поддршка и партнерство. На крајот, важно е да се потенцира дека ваквиот договор може да донесе нови работни места, зголемени странски инвестиции и долгорочен економски бенефит. Секако, останува да ги видиме конкретните детали, динамиката на имплементација и механизмите што ќе го следат партнерството. Но, доколку се реализира со вистинска политичка волја и стратешки пристап, овој договор може да биде вистински чекор напред во меѓународниот имиџ и економската иднина на Македонија, вели Миновски за МИА.

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека договорот за кој вчера постигнаа согласност со британскиот премиер Кир Стармер на средба во Тирана во рамки на Самитот на Европската политичка заедница, ќе овозможи најсилна досега економска соработка меѓу двете влади, вклучително и во капитални инвестиции во инфраструктурата и здравството и енергетиката понатаму.

– Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство е важен за македонските граѓани. Тој ќе биде основата и фундаментот за инвестициски циклус којшто ќе има вкупна рамка од 5 милијарди фунти, односно 6 милијарда евра, при што дел од овие пари ќе бидат употребени за инвестиции во инфраструктурата, изградба на модерна карго и брза патничка железницата од Табановце до Гевгелија, инвестиции во здравството и нови болници, завршување на проектот на клиничката болница во Штип, заедно со зградата на новиот медицински факултет, студентски дом со капацитет од двестотини легла, изградба на болницата во Кичево заедно со здравствен дом, реконструкција на клиничката болница во Тетово, итн.Во наредните денови ќе се потпишат договори и за овие инвестиции, најави Мицкоски на денешната прес-конференција.

Според амбасадорот Метју Лосон,  договорот е врвен момент во билатералната врска меѓу двете земји, изградена на заеднички вредности, заедничко членство НАТО и мошне богата трговска врска. – Ние сме големи инвеститори и британската Влада реши да го надградува тоа преку договор меѓу двете влади кој се фокусира на трговија и инвестиции за да се креира поголем раст и стотици милиони фунти од кои граѓаните на оваа земја ќе имаат корист заедно со  граѓаните на нашата земја, рече Лосон.

Мицкоски на 14 март годинава објави дека Владата работи на инвестиција во инфраструктурата и здравството од неколку милијарди евра, преку меѓувладин договор со моќна европска земја, најавувајќи дека договорот „ќе значи повеќе од 10 проценти од БДП“. Во меѓувреме, во изјава за медиумите  во неколку наврати најави инфраструктурен бум во модернизација и реконструира на железницата на Коридорот 10 од Табановце до Гевгелија,  како и инвестиции во здравството и енергетиката.  Со реконструкцијата на Коридорот 10 вели дека граѓаните ќе можат да користат железнички транспорт со брзина од 160 километри на час, а карго возовите  најмалку четирипати побргу од сегашниот просек. Ќе можат да да возат 110 километри на час, наместо, како што изјави, сегашните од 10 до 15 километри на час, во одредени делници.

Со тоа очекуваме не само зголемена брзина на карго превозот која ќе транзитира низ нашата држава, туку и зголемен интерес за повеќе композиции по бројност кој секако поради побрзиот транзит ќе биде зголелемен. Очекувам  да се зголеми најмалку 10 пати, двапати по основ на интерес и четири до пет пати по основ на брзина, така што во нето износ тоа да биде најмалку десет пати повеќе од ова што е денеска. И крајната цел е годишниот приход на Македонски железници од основната дејност да достигне помеѓу 100 и 120 милиони евра, рече Мицкоски.

Најави инвестиции и во здравството,  како и дека се бара партнер за изградба на стратешки проекти. -Продолжуваме со изградба на Клиничката болница во Штип, зграда за Медицинскиот факултет, студентски дом, болницата во Кичево, реконструкција на Клиничката болница во Тетово, инвестиции околу 190 и 200 милиони евра или во тотал заедно со реконструкцијата на Коридорот ќе натфрли бројка од две милијарди евра. Во енергетиката главен фокус ни е проектот „Чебрене-Галиште“, изјави Мицкоски.

Договорот за стратешко партнерство е резултат на повеќемесечни интензивни преговори меѓу дипломатски и експертски тимови од двете страни. Освен економска соработка  треба да придонесе и за модернизација на нашите вооружени сили и подлабока интеграција во НАТО стандардите, за зголемување на безбедноста на границите и спротивставување на трговијата со луѓе и шверцот, како и да ја зајакне соработката во областа на образованието, дигиталната трансформација и иновациите.