Иако политичката соработка меѓу Македонија и Србија е стабилна, без ниту едно отворено прашање, економските односи се уште не го достигнуваат целосниот потенцијал. Потпретседателот на Демократска партија на Србите, пратеник и единствен претставник на српската заедница во македонското Собрание Драган Недељковиќ во интервју за МИА зборува за предизвиците кои ја кочат динамиката на економското поврзување.

Укажува дека е минимален влезот на српски капитал во земјава, но и на македонскиот во Србија, дека треба да се искористат сите потенцијали, посебно во винската индустрија, трговијата и земјоделството, но и во туризмот и културата. Недељковиќ јасно ја нагласува потребата од нов економски импулс, особено сега, како што вели, во времето на оваа македонска Влада која покажува исклучителен „сенс“ за економски прашања. Еден од суштинските чекори во насока на заемно унапредување на односите, според него, е изградбата на заедничкиот железнички граничен премин на Табановце – one stop shop, проект финасиран од Европската банка за обнова и развој, вреден 7,5 милиони евра.

Тој верува дека ова ќе значи надминување на метежот што досега беше карактеристичен, посебно во одредени периоди од годината. Во насока на продлабочување на меѓусебните односи, ги наведува и огромните придобивки од најавената модернизација на железничкта пруга на Коридорот 10, потенцијалот за прекугранично поврзување, можностите што ги нуди иницијативата „Отворен Балкан“, но и конкретните проекти кои можат да донесат реални придобивки за граѓаните од двете страни на границата.

Покрај се поблискатa политичка соработка, нашата држава и Република Србија во последните неколку години бележат и значителен напредок во економските релации и проектите за прекугранично поврзување. Кои сектори од оваа соработка, според Вас, најбрзо напредуваат, а каде постои неискористен потенцијал?

За жал, сметам дека политичката соработка меѓу Србија и Македонија е на повисоко ниво отколку економската. Нашиот северен сосед ни е втор трговски партнер, веднаш по Германија, но мојот став е дека се уште немаме доволно високо ниво на меѓусебни бизнис релации, меѓу компаниите, отсуствува значителен влез како на српскиот капитал во нашата држава, така и на македонскиот во Србија. Причините се различни. Во еден период тоа беше политичкиот амбиент кој не беше доволно позитивен, потоа се наметна проблемот со односите меѓу СПЦ и МПЦ, во меѓувреме се надоврзуваа нови предизвици…

 

Само како пример ќе ви ја посочам српската компанија MTEL која функционира на македонскиот пазар, но нејзината инвестиција не е на доволно високо ниво, па оттука се поставува прашањето зoшто работите се одвиваат на ваков начин. Верувам дека ќе почнат да напредуваат, да одат во нагорна линија, бидејќи оваа Влада има многу поголем „сенс“ за економија, тоа го покажуваат  неодамна преземените чекори во оваа насока, како Договорот за соработка со Велика Британија. Оттука, сметам дека во следниот период треба да направиме напор за да ја засилиме економската соработка меѓу Србија и Македонија.

Дали препознавате потенцијал во прекуграничните проекти и колку тие можат да придонесат за населението од двете страни на границата?

Секако дека има потенцијал. Така на пример, веќе е познато дека Белград ќе биде домаќин на светската изложба ЕКСПО 2027, а тој е во моментов најголем проект којшто се реализира на Балканот. Српскиот претседател Вучиќ и самиот напомена дека е отворен за македонските комании и за нивните работници. Исто така, иницијативата Отворен Балкан е можност за вработување и натамошно стручно усовршување за многу наши граѓани. Јас лично знам голем број луѓе од здравствениот сектор кои секојдевно патуваат во Србија,  во неколку погранични градови, каде како медицински сестри имаат 800 – 900 евра месечни примања. Навистина сметам дека е вистинско време да се достигне највисокото можно ниво на економска соработка помеѓу двете држави. Се разбира дека функционира меѓуграничната соработка и секако дека има српски компании кои работат на македонскиот пазар, но јас зборувам за директни инвестиции.

Претстојното модернизирање на железничката пруга од Kоридорот 10 секако дека ќе донесе неколкукратно подобрување и заживување на економијата. Во оваа насока можам да обелоденам и дека во јуни ќе се изгради заеднички железнички граничен премин на Табановце – one stop shop. Проектот е финасиран од Европската банка за обнова и развој и ќе чини 7,5 милиони евра.

Дали ќе се надмине сегашната ситуација во која особено во летната сезона има голем застој на граничните премини?

Знаете дека министрите за внатрешни работи Панче Тошковски и Ивица Дачиќ во Белград потпишаа Договор помеѓу владите на Македонија и Србија за воспоставување заеднички контроли на граничниот премин за меѓународен патен сообраќај Табановце – Прешево. Мислам дека почетокот на реализацијата ќе значи надминување на метежот што досега беше карактеристичен, особено во одредени периоди од годината. Секако не е во ред во текот на летната сезона да се чека по неколу часа само за да се премине границата, па оттука, верувам дека претстојниот чекор ќе биде од големо значење за граѓаните на двете држави.

Македонија и Србија остануваат доследни подржувачи на иницијативата Отворен Балкан. Колку ова партнерство придонесе за продлабочување на меѓусебната економска и политичка соработка, но и дали сметате дека таа може да биде платформа за реална регионална интеграција, имајќи го предвид фактот дека има забавување во процесот последниов период?

Реално, резултатите можеа да бидат многу поголеми, но позитивно е што се уште има разговари и преговори во однос на неговите можности и предизвици, што практично значи дека се уште се одржува потенцијалот. Знаете, овој проект нема да биде целосен доколку не се приклучат Црна Гора и Босна и Херцеговина, но јас верувам во оваа иницијатива и во нејзините придобивки. Еден од предизвиците е и политичкиот амбиент, а тој секако дека во огромна мерка влијае врз економијата и подготвеноста на компаниите да инвестираат. Не сакам да прејудицирам, но мислам дека евентуален влез на голема српска компанија на македонскиот пазар со себе ќе повлече и низа други помали фирми од Србија. Секако, ваквиот след на работите би бил идентичен и доколку во Србија одлучи да инвестира „тешкаш’’ од македонскиот бизнис. Ние како политичари лобираме за малку полесни услови за водење бизнис на компаниите кои доаѓаат од земјите вклучени во Отворен Балкан, но, сепак, тоа е долготраен процес.

Во кои области постои потенцијал за соработката меѓу Македонија и Србија и на кој начин таквата меѓудржавна поврзаност би придонела за полесно и поефикасно заедничко настапување на регионалните и меѓународните пазари?

Она што во последниот период значително напредува е туристичката соработка. Огромен број македонски туристи ги посетуваат српските бањи, додека од друга страна многу српски државјани го избираат Охрид како една од нивните најомилени туристички дестинации. Овој број на посетители од Србија би бил и многу поголем, но во моментов како единствена пречка се наметнува лошата патна инфраструктура. Со изградбата на брзата пруга состојбата ќе се смени драстично, бидејќи патувањето ќе биде полесно, побрзо и пoевтино. Исто така, препознавам огромен потенцијал во македонската винска индустрија која, според мене, треба повеќе да се промовира на српскиот пазар. Големи би биле можностите и за раноградинарските производи од Македонија кои се препознатливи по својот врвен квалитет. Само за пример, во поранешна Југославија кочанскиот ориз беше присутен на пазарите во сите републики, а подеднакво барана беше и пиперката од Струмица.

Како поранешен заменик-министер за култура сигурно имате подлабок увид во реализација на програмите за културна соработка меѓу Србија и Македонија. Кои проекти можете да ги издвоите и како ги оценувате нивните резултати досега?

Не сум задоволен од досегашното ниво на реализирање на културните проекти. Во 2016 година јас потпишав Договор за културна соработка меѓу Србија и Македонија кој, меѓу другото, вклучуваше отворање културни центри. Македонски културен центар беше отворен дури неодамна во Белград, токму на улица која го носи името „Македонска“. На овој начин направивме мост на поврзување меѓу двата народа и култури, но отворивме и нова страница во соработката меѓу двете држави. Во план е наскоро и во Скопје да се отвори српски културен центар, што секако ќе биде огромен чекор напред во меѓусебните релации. За да имаме јасна и целосна слика, треба да го имаме предвид и фактот дека за вистинско културно поврзување пред се е потребно поврзување на институциите од областа на културата. Зошто на пример Македонската филхармонија да не потпише долгорочен договор за соработка со белградската филхармонија, или пак македонскиот народен театар со српското народно позориште?

Ваков тип на соработка можат да реализираат и помалите општини, односно на пример, културниот дом од Пробиштип може да почне соработка со културен дом од Сврљиг. Верувам дека работите почнуваат да се движат во позитивна насока, а вистинска потврда е фактот дека неодамна претставници на српското министерство за култура на чело со министерот Селаковиќ учествуваа на Саемот на книга во Скопје. Покрај промоцијата на книги, беа дојдени и  голем број српски писатели и академици, па на овој начин беше направен првиот чекор. Се надевам дека ваквата посета ќе биде возвратена и од македонска страна на претстојниот Саем во Белград.

Од позиција на единствен српски пратеник во Собранието, како  ги оценувате  односите меѓу српската и македонската заедница во Македонија?

Од сите заедници, српската заедница во Македонија е најлојална кон македонската држава. Најголем број од Србите во Македонија се во мешани бракови, немаме проблем со јазикот, со црквата, со ниту еден елемент од македонската држава. Јас сум по потекло од Врање и навистина ми е задоволство кога во текот на викендот гледам дека речиси 20 000 Македонци го посетуваат овој град. Секако дека огромна придобивка за меѓусебните односи беше кога се надмина спорот меѓу МПЦ и СПЦ бидејќи по неговото решавање Македонија и Србија веќе немаат ниту едно отворено прашање. Српската заедница во Македонија е политички организирана, имаме потпретседател на Влада што пред 25 години не можеше да се замисли, го одбележуваме Свети Сава како национален празник.., сето ова говори за нашите традиционално добри односи и меѓусебна поврзаност. Токму ваквата стабилна основа претставува солидна платформа за натамошно продлабочување на соработката во сите области, што секако ќе резултира со огромен број придобивки за двете држави и за нашите граѓани.

Мирјана Чакарова

фото: Дарко Попов