Д-р Барт ЕРМАН
Кога се во прашање Пасторалните посланија на апостол Павле, а тоа се Првото и Второто Послание до Тимотеј и Посланието до Тит, би се осврнал на клучното прашање – дали апостол Павле навистина ги напишал?
За почеток, кога е во прашање авторството на овие писма, мора да запомниме дека не станува збор за тоа дали христијаните во првиот или во вториот век лажно потпишувале текстови во името на Павле. Точно знаеме дека некои го правеле тоа: Второто Послание до Солунјаните алудира на тоа дека е лажно писмо (2:2). Покрај тоа, сите се согласуваат дека некои од писмата што преживеале, а се потпишани како да се на Павле, се христијански фалсификати (на пример, преписката помеѓу Павле и филозофот Сенека, како и Апокалипсата според Павле). Значи, прашањето е дали одреден текст за кој се тврди дека е напишан од Павле може да го поткрепи таквото тврдење.
Повеќето научници се разумно убедени дека сите три пасторални посланија се напишани од ист автор. За Првото Послание до Тимотеј и Посланието до Тит нема сомнеж. Стилот на пишување, темата и специфичната содржина се сосема слични. Доколку не се напишани од иста личност, би претпоставиле дека едно од нив било користено од страна на имитатор како пример за другото; но се чини дека нема причина да се помисли дека тоа е она што се случило.
Прашањето за Второто Послание до Тимотеј е нешто покомплицирано, бидејќи неговата содржина е различна. Сепак, дури и во овој случај, речникот и стилот на пишување се тесно усогласени со другите две. Обраќањето во ова писмо се совпаѓа со она во Првото Послание до Тимотеј: „до Тимотеја, возљубеното чедо. Благодат, милост и мир од Бога Отецот и од Христа Исуса, нашиот Господ“ (1 Тим 1:2, 2 Тим 1:2). Ниту едно друго писмо од Павле го нема истиот текст. Покрај тоа, многу од истите молби се јасно изразени во двете писма, особено молбата за управувањето на Црквата и истребувањето на лажните учители.
Тогаш, под претпоставка дека сите три писма се напишани и потпишани од иста рака (дури и земајќи ги предвид различните околности и содржина на Второто послание до Тимотеј), дали тоа била раката на апостол Павле? Следејќи го ова прашање, можеме да научиме многу за овие посланија, особено за историската ситуација што тие ја претполагаат. Овде ќе ги претставам аргументите што за повеќето научници беа одлучувачки за да покажат дека Павле не е тој кој ги напишал.
На почетокот, треба да се земе предвид необичниот речник што се користи низ овие писма. Пред да ги наведам самите податоци, најпрво да го објаснам нивното значење. Да претпоставиме (да замислиме релативно бизарна ситуација) дека некој открива писмо наводно напишано од Павле, кое ги повикува читателите да присуствуваат на миса секоја сабота навечер, да одат на исповед еднаш неделно и по три пати да ја кажат „Радувај се Марија“ (Hail Marys) за секој ненамерен грев што го направиле. Што би помислиле за едно такво писмо? Некои зборови од тоа писмо би укажале на христијански практики и верувања кои се развиле подолго време откако умрел Павле (на пр. миса, „Радувај се Марија“). Други зборови би укажале на практиките и верувањата што ги користел Павле, но не на ист начин (на пр., исповед). Со текот на времето, значајни зборови на кој било јазик добиваат нови значења, а се создаваат и нови зборови, па затоа и Шекспировиот англиски звучи толку чудно за многу луѓе денес, а и Шекспир би го сметал денешниот јазик како чуден. Самиот речник на ова хипотетичко писмо би ви покажал дека апостол Павле не го напишал.
Се разбира, во пасторалните посланија, нема нешто до толку очигледно; но има прекумерен број зборови кои не се на Павле, од кои повеќето се појавуваат во подоцнежните христијански текстови. Напредни проучувања на грчкиот текст на овие книги дошле до следните податоци: освен лични имиња, во пасторалните посланија има 848 различни зборови; од нив, 306 не се среќаваат на ниедно друго место во Павловиот корпус на Новиот завет (дури ни во вторите Павлови посланија). Ова значи дека повеќе од една третина од речникот не е на Павле. Зачудувачки е тоа што повеќе од две третини од овие зборови кои не се на Павле се користат од други христијански автори од вториот век. Така, се чини дека речникот што се користи во овие писма е поразвиен од оној што го среќаваме во другите писма што му се припишуваат на Павле.
Покрај тоа, а можеби и уште поважно, некои од зборовите што Павле ги користи во своите писма добиваат различно значење во пасторалните посланија. Како кратки примери, зборот што Павле го користи за „имање правилен став пред Бога“ (буквално, „праведен“) сега значи „да се биде морален поединец“ (т.е. „справедлив“; Тит 1:8); а терминот „вера“, кој за Павле се однесува на верба во прифаќањето на смртта на Христос за спасение, сега се однесува на учењето што ја сочинува христијанската религија (на пр., Тит 1:13).
Се разбира, аргументот за речникот никогаш не може да биде одлучувачки сам по себе. Секој користи различни зборови во различни прилики, а христијанскиот речник на самиот Павле мора да се развил со текот на времето. Меѓутоа, големината на овие разлики мора да нè замисли малку, особено затоа што тие се совпаѓаат со други елементи на писмата кои сугерираат дека тие се напишани по животот на Павле.
За почеток, тука е самата природа на проблемите кои се споменати во писмата. Ако главната форма на лажното учење кое се споменува била некаков почетен христијански гностицизам, тогаш некој може да се запраша кога овој вид религија може историски да се документира. Всушност, првите христијански гностици кои ги знаеме по име, живееле од почетокот до средината на вториот век. Се разбира, гностиците од вториот век можеби имале некои претходници кон крајот на првиот век (како што спомнавме во поглавје 11), но речиси и да нема докази кои укажуваат на тоа дека тие блуеле „митови и бескрајни генеалогии“ кои одобрувале строго аскетски начин на живот или дека инаку ги вознермирувале христијанските конгрегации во времето на самиот Павле. Ниту противниците на Павле во Коринт не биле толку напредни.
Од уште поголема важност е начинот на кој овие лажни учења се напаѓаат во пасторалните посланија, бидејќи основната ориентација на авторот се чини дека е многу слична на она што го среќаваме како се развива во прото-православните кругови од вториот век. Но, за тоа во друга прилика.
Д-р Барт Ерман, професор по религиски студии на Универзитетот во Северна Каролина. Автор на десетици книги за Новиот завет и раното христијанство, автор и уредник на бројни книги, од кои некои се на листата на првите пет бестселери на Њујорк Тајмс (на пример, „Исус тоа не го кажа“ – научна студија трансферирана во приказна за тоа кој ја менувал Библијата и како) и еден од најпризнатите научници кога станува збор за Новиот завет. Себеси се претставува како човек кој го минал патот од „христијански фундаменталист“ до скептик кој не верува во Бог од Библијата и кој како научник е агностик, а како човек е атеист.