Вкупно 120 нови дигитални услуги, кои веќе ги користат над 170.000 граѓани, над 70 институции поврзани преку платформата за интероперабилност, прва Национална стратегија за сајбер безбедност и четири нови закони, вклучително и првиот Закон за сајбер безбедност се дел од реализираните активности на Министерството за дигитална трансформација кои ги презентираше министерот Стефан Андоновски по една година од работата на министерството.

На денешната прес-конференција Андоновски истакна дека дигитализацијата не е само технолошка промена, туку суштинска реформа на државниот апарат.

-Ова Министерство беше создадено со јасен мандат, да ја предводи дигиталната трансформација на Македонија, не како себедоволен технолошки меур, туку како национален приоритет кој ќе го направи државниот апарат поефикасен, институциите поотворени, а јавните услуги попристапни и посигурни за сите граѓани, рече тој.

Дополни дека преку порталот uslugi.gov.mk, достапни се електронски изводи, државјанства, уверенија за неосудуваност и имотни листови, целосно онлајн и правно валидни.

-Прво, услугите дојдоа до граѓаните, не обратно. 120 нови услуги, бројка што постојано расте. И затоа 170 илјади граѓани го препознаа тоа. За првпат, со законски измени, правно валидни документи се добиваат без физичко присуство, со електронски потпис, QR код, во електронска форма или испечатени, рече тој.

Министерот информираше дека Министерството воспоставило и функционална интероперабилност меѓу над 70 институции, а донесени се и четири нови закони, усогласени со регулативата на ЕУ, како што се Законот за електронски комуникации и првиот Закон за сајбер безбедност, Законот за архивска дејност и Законот за електронски документ. Дополни дека е формиран и Сектор за сајбер безбедност во чии рамки треба да биде и Владин центар за одговор на инциденти (SOC).

Особено внимание, како што посочи, се посветува на заштитата на децата во дигиталниот простор преку проектот MKSafeNet.

-MKSafeNet ќе биде прв интегриран национален систем од ваков тип, кој ја става безбедноста на најмладите во дигиталниот свет како приоритет од највисок ранг, рече министерот.

Преку програмата „21st Century Schools“, министерот сподели дека дигиталната писменост ќе стане дел од редовната настава во сите основни училишта.

-Проектот ќе започне со подготовки во текот на летото 2025 година, вклучувајќи изработка на наставни материјали и обуки за наставници и професори, а практичната реализација во училниците се очекува од јануари 2026 година. Активностите ќе се спроведуваат по фази, со почеток во руралните средини и постепено проширување кон урбаните центри, при што тимот ќе работи сукцесивно со училиштата – прво обучувајќи го наставниот кадар, а потоа преминувајќи кон имплементација во наставата, рече тој, одговарајќи на новинарски прашања.

Се осврна и на забраната на преку 220 сајтови за нелегално онлајн коцкање, што, како што рече, е конкретен резултат на дигитална анализа и следење на IP-адреси и VPN-механизми.

На крајот министерот ја посочи и програмата Дигитална Европа – и најзначајниот проект во неа: INNOFEIT – Европскиот дигитален иновациски хаб, кој е резултат на стратешка соработка меѓу Владата, академската заедница (ФЕИТ) и приватниот сектор, нагласувајќи дека со инвестиции над 60 милиони денари, INNOFEIT е доказ дека Македонија има капацитет не само да следи, туку и да води регионални процеси во дигитализацијата и иновациите.

-СМАРТ Македонија не е далечна цел – таа веќе се реализира. Во изминатите 12 месеци покажавме дека со јасна стратегија, соработка меѓу институциите и поддршка од партнерите – може да се постигнат резултати кои директно ја подобруваат јавната услуга и ја зголемуваат довербата во државниот систем, рече тој.

Во втората година, министерот најави нови проекти помеѓу кои национална дигитална апликација (SuperApp), државен дата центар, терминали за самоуслуги, платформа за вештачка интелигенција, како и целосна дигитализација на административните постапки.