Обединетите нации и холандското Министерство за надворешни работи денес соопштија дека откажале ЛГБТ+ настан во Сенегал откако владата на земјата предупреди на последици за организаторите и изрази противење на „промоцијата на ЛГБТ+ феноменот“.

Анти-ЛГБТ законите се на сила во многу конзервативни западноафрикански земји, вклучувајќи го и Сенегал, каде што секој што ќе изврши „дело против природата“ со лице од ист пол може да биде казнет со затвор до пет години.

Министерството за надворешни работи на Сенегал соопшти дека е информирано за проекција на филмот што ќе ја организираат ОН и холандската амбасада, по што ќе следат „дискусии за ЛГБТ прашања“.

„Следствено, владата го задржува правото да преземе сите соодветни мерки против секој организатор на вакви активности, па дури и против учесниците, без оглед на нивното потекло, статус или ранг“, се вели во соопштението на министерството.

Во соопштението се вели и дека активностите на дипломатските мисии и меѓународните организации мора да бидат во согласност со прописите на земјата.

Сеиф Маганго, портпарол на канцеларијата за човекови права на ОН, за Ројтерс изјави дека настанот е „откажан и дека ние продолжуваме да соработуваме со властите“.

Холандското Министерство за надворешни работи во соопштението изјави дека иако Холандија „се залага за човекови права и еднаков третман“, одлучила да го откаже настанот „земајќи ги предвид различните фактори“.

Сенегалските пратеници го отфрлија барањето во 2022 година за заострување на анти-ЛГБТ+ одредбите во кривичниот законик, велејќи дека постојното законодавство е доволно јасно.