Земјотрес со интензитет од 4,9 степени според Рихтеровата скала се случи денеска во Јонското Море, во близина на грчкиот остров Закинтос, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC).
Земјотресот се случил на длабочина од 14 километри, и 68 километри југозападно од Закинтос.
Не се пријавени повредени лица или причинета материјална штета, јави дописничката на МИА од Атина.
Претседателот на Организацијата за антисеизмичко планирање и заштита на Грција Ефтимиос Лекас за државната телевизија ЕРТ истакна дека „не постои причина за загриженост, бидејќи е во подводниот дел“, но и дека има простор и за многу поголеми земјотреси без да се создадат проблеми.
По големиот земјотрес следеа неколку помали меѓу 2,2 и 2,8 степени.