Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска изврши теренска посета на градилиштето за изградба на новата трансформаторска станица Охрид (ТС Охрид), дел од проектот на МЕПСО за интерконекција Македонија–Албанија.

Проектот опфаќа две целини, далноводот Битола – граничен премин со Албанија и изградба на трансформаторската станица Охрид во близина на селото Мешеишта.

Божиновска направи увид во градежните активности што се одвиваат на површина од 80 илјади метри квадратни, со изградба на потпорни ѕидови и наклони, градежни работи на командната зграда, комплетирани фундаменти и започната монтажа на челични носачи и опрема во 400 kV постројка.

„Со реализацијата на овој проект, Северна Македонија гради мост кон европските пазари на електрична енергија, создава услови за стабилно и економично снабдување за граѓаните и отвора простор за приклучување на нови производители од обновливи извори – што е наш врвен приоритет“, истакна министерката Божиновска.

Изградбата на новата 400 киловатна линија е стратешко зајакнување на стабилноста и сигурноста на електроенергетската мрежа на земјава. Со тоа се заокружува електроенергетското поврзување со сите соседи, што овозможува не само зголемена стабилност и доверливост, туку и активно учество на пазарите за балансни и системски услуги и размена на енергија во регионот.

МИА

фото/Министерство за енергетика