Европската Унија „останува цврста, обединета и подготвена да ги заштити“ своите интереси, изјави денеска претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, како одговор на објавата на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување царини од 30 отсто на стоки од ЕУ.
– Царините се даноци. Тие ја поттикнуваат инфлацијата, создаваат неизвесност и го попречуваат економскиот раст. Ќе продолжиме да градиме силни трговски партнерства ширум светот, рече Кошта, пренесува Ројтерс.
Трамп претходно денеска соопшти дека од 1 август ќе стапат во сила царини во висина од 30 отсто на сета стока што се увезува од земјите на Европската Унија, како и од Мексико.
Тој на својот профил на мрежата Truth Social објави копии од писмата што ги испратил до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и до претседателката на Мексико, Клаудија Шајнбаум.