Кирил МИНОСКИ
Во општество каде што честа и доследноста се сметаат за слабост, а цинизмот и полтронството за билет до јавната сцена и до привилегиите, терминот „морална вертикала“ станува ироничен опис за оние кај кои совеста не постои, а постапките се водат исклучиво според народната „како ветерот ќе дувне“.
Сведоци сме на длабока морална ерозија, каде што „сончогледите“ – луѓето што целиот свој јавен ангажман го градат префрлајќи се од една власт на друга – станаа главните носители на јавниот дискурс. Денес го бранат она што вчера го демонизираа, а утре ќе се колнат во нешто трето.
Единствената константа е нивната блискост до моќта.
Иронијата е уште поголема кога токму тие кои до вчера беа најгласни критичари на една политика, денес стануваат нејзини најгласни бранители.
Од самопрогласени чувари на вистината и бранители на државата, се претворија во мегафони на моќта. Денес, преку нив се пакува и продава она што политиката сака да го нарече „јавен интерес“.
Но овој парадокс не зборува само за нивната лична недоследност и недостаток на ‘рбет. Тој уште погласно сведочи за општеството и за оние што ги толерираат и прифаќаат ваквите рециклирани ликови – со што трајно ги уништуваат вредностите на сегашните и идните генерации, преку настојувањето да се заборави нивната двојна игра.
Моралната вертикала кај нас одамна лежи хоризонтално – како банкомат што не брои доблест, туку само пари и верност кон газдата.
Вистинската трагедија не се тие – тие одамна ја изгубиле својата совест. Вистинската трагедија е што јавноста сè уште им дава тежина, простор и релевантност.
А народот, заробен во медиумска магла, сè поретко се прашува:
Кој навистина ја застапува вистината, а кој само се продава на највисока понуда?