Последните децении уништено е огромно споменично и друго уметничко македонско богатство со кражби за минимален надомест при откуп на излиените бронзeни и бакарни скулптури. Бројот се движи на стотици дефинитивно изгубени творби на нашите уметници Томе Серафимовски, Димо Тодоровски, Драган Поповски Дада и безброј други.

Со деструкцијата која се врши на спомениците на културата каде беа поместени уметничките дела и обележја, се нарушува естетиката на јавните простори, плоштадите, инситуциите, јавните објекти и гробиштата што севкупно влијае на општиот впечаток и углед на Македонија. Покрај тоа што се газат авторските права на уметниците и се создаваат финансиски штети.

Ги наведуваме најсвежо извршените кражби на споменични уметнички дела иако само Господ знае што е се украдено:

– Последните два – три месеци, на гробиштата во Бутел, украдени се 30-тина бисти меѓу кои на Круме Кепески, дело на Томе Серафимовски како и лиените плочки, дело на Димо Тодоровск. Напоменуваме дека се најдени само 8 од бистите иако не и наведената;
– Бистата на Ѓорѓија Пулевски од основното училиште во Аеродром;
– Споменикот на децата бегалци од Насо Беќаровски во „Жена парк“;
– Лавовите-рељефи, на капијата на Хотел Солун;
– Плочата со натпис Лазар Личеноски испод статуата во средното уметничко училиште;
– Плочите со натписи на сите фигури на мостовите на Вардар како и делови од статуите (пенкала, мач, терезија и сл.);
– Бистата на Вера Циривири, на основното училиште, во Карпош;
– Рељевот „Менкова колиба“, во кумановско, дело на Драган Попоски –Дада, пред 10 години;
– Бистата на борецот Дуња, во основното училиште во К. Вода;
– Портретите на Анте Поповски и на Славко Јаневки во Струга, дела на Томе Серафимовски и други.

Притоа украдените споменици се продавани за 120 до 150 денари за килограм во откупни центри.

Револтот на севкупната заедница, а пред се на уметниците, за настанатите злодела е огромен.

Врз основа на широко обавената јавна критика јавноста бара одлучни постапки на претставниците на власта во нашата општествена заедница за да се спречи ваквото крајно штетно однесување. Апелира на заедничко институционално дејствување на министерствата за култура и туризам, за правда, за внатрешни работи, на здруженијата, особено од ликовната сфера, на институциите кои се нападнати со дејствијата, какви што се гробиштата, на оштетените граѓани и јавноста за справување со ситуацијата и предлага:

– Промена на Кривичниот законик со цел високо да се санкционираат, со големи казни, сите учесници во извршувањето на кражбите на уметничките дела и засилена одговорност на задолжените нституции за контрола; и
– Донесување закон за забрана на откуп на метали.

На овој начин иницијативата станува јавна и широка, подржана од широката јавност, пледирајќи на институционалниот придонес во различните сфери за да се отпочнат потребните правни и други постапки како би се надмине ваквата деструктивна општествена појава.

За широката јавна иницијатива проф. д-р Јованка Кепеска