Рускиот претседател Владимир Путин денес потврди дека руските трупи ја презеле контролата врз Часов Јар во Донецк во источна Украина.

„Неодамна слушнавме дека е заземена нова населба – Часов Јар, тоа е прилично голема населба. Веќе слушнавме дека ова не одговара на реалноста. Можам да ви кажам, ве уверувам, ова целосно одговара на реалноста“, им рече Путин на новинарите.

Тој рече дека и покрај објавата на руското Министерство за одбрана во четврток дека руските трупи ја презеле контролата врз местото, Часов Јар бил окупиран пред неколку дена.

Путин и белорускиот претседател Александар Лукашенко денес одржуваат неформален состанок на островот Валаам во руска Карелија.

Путин и Лукашенко го посетуваат Валаам заедно во текот на летото веќе неколку години.

Тие го посетија островот во јули 2019, 2023 и 2024 година.

Украинската војска во четврток го негираше тврдењето на Москва дека руските сили го зазеле градот Часов Јар во регионот Донецк, кој е едно од главните жаришта на конфликтот на источниот фронт.

„Ситуацијата во Часов Јар остана иста како и во последните месеци. Русија едноставно повторно лаже, така што ова тврдење циркулира и предизвикува негирања“, рече Виктор Трегубов, портпарол на украинската група сили „Хортица“, пренесува Киев Индепендент.

Руското Министерство за одбрана во четврток објави дека руските трупи го зазеле градот за време на офанзива во правец на Краматорск и Дружковка

. Часов Јар, кој се наоѓа само неколку километри западно од окупираниот Бахмут, е под руска опсада од април 2024 година.

Градот е во голема мера уништен.

Според украинскиот портал DeepState, кој прикажува мапа на воените операции во руско-украинскиот конфликт, украинските сили сè уште го држат јужниот и западниот дел од градот, додека остатокот од Часов Јар е под контрола на руските сили, од 30 јули.

По падот на Бахмут во мај 2023 година и Авдејевка во февруари 2024 година, руските сили заземаат село по село и се приближуваат кон Часов Јар.

Часов Јар, кој се наоѓа на ридови кои обезбедуваат природна одбрана, е клучна стратешка точка бидејќи е највисоката точка во областа.