Бранка Д. НАЈДОВСКА
Зад себе има над сто одиграни театарски ликови, стотина филмски и ТВ улоги во бугарски и странски продукции, режисерски потпис под десетина претстави, бројни национални и интернационални признанија (меѓу кои дури 12 престижни награди од меѓународни фестивали за неговата изведба на монодрамата „Живот во кутии“ од Иван Кулеков, во режија на Невена Митева во Драмскиот театар „Рачо Стојанов“ во Габрово), почесен граѓанин и носител на „златни значки“ има од пет бугарски градови…
Биографијата на Николај Урумов (роден е во Каварна, 1963 година, а израснал во Булгарево), еден од најценетите бугарски актери и режисери е навистина импресивна и разнолика.
Нашиот соговорник во 1990 година дипломирал како актер на Академијата за драмски уметности „Крсто Сарафов“, во класата на проф. Николај Љутсканов, а специјализирал театарска режија кај проф. Здравко Митков на Националната академија за драмски уметности и филм.
Тој е актер во ансамблот на Народниот театар „Иван Вазов“, бил член на Софискиот драмски театар, Сатиричниот театар „Алеко Константинов“… Со своите претстави учествувал на меѓународни театарски форуми, проекти, фестивали и турнеи во Германија, Русија, САД, Канада, Австрија, Австралија, Полска, Велика Британија, Македонија, Шведска, Швајцарија, Шкотска, Романија, Франција, Шпанија, Италија, Ирска, Белгија, ОАЕ, Холандија, Украина, Литванија, Узбекистан, Грција, Албанија, Луксембург, Србија, Словачка…
Со Николај Урумов, пред почетокот на неговите нови проекти, во интервјуто за МИА, за малите-големи нешта што го засегаат (не)само актерскиот свет.
Што ве мотивира и денес да излегувате на сцена, по сите овие години?
Целта зад која застанувам. Непредвидливоста и провокацијата. Дијалогот на иста фреквенција (како радиофреквенциите), што го водиме со гледачите.
Која реакција од публиката најмногу ве допрела?
За мене, постојат два незаборавни момента што ми се случија со мојата монодрама „Лалугер“.
Првиот беше во Габрово, кога додека играв на сцената, надвор избувна бура. Покривот на театарот почна да се откорнува. Лимовите тропаа злокобно. Снема струја. Настана мрак. Но, никој не си заминуваше. Потоа ја прашав публиката „Дали да продолжам?“
Останаа уште дваесет минути. Последните, кои се многу драматични. Сите рекоа: „Да!“
Потоа седнав во темнината на пред-сцената и продолжив. Сите ги извадија своите телефони, ги вклучија своите светилки и пред мене се рашири поле од светла, пламенчиња и светулки. Беше незаборавно!
Вториот пат, откако ја добив наградата за најдобар актер на Фестивалот на монодрама во Битола, во 2013 година за претставата „Лалугер“, Мирко Стефановски ме покани на Скопско лето. Решија да настапам во дворот на Музејот, кој е всушност, Старата железничка станица на Скопје. („Лалугер“ се одвива на железничка станица.)
Потоа прашав дали можам да играм на влезот во Музејот, под часовникот, на скалите, а публиката да е на тротоарот. Рекоа дека може.
Така и направивме. И кога од озвучувањето почна да се слушаат возови што пристигнуваат и заминуваат, и најави за тоа кој воз кога пристигнува…, луѓето доаѓаа расплакани и возбудени, бидејќи станица им оживеа.
Се наежив. Потоа, по завршувањето на претставата, една дама ме прегрна и ме држеше долго време така и ми шепна: „Вие ми го одигравте животот.“ Подоцна разбрав дека тоа била госпоѓа Робева. Од познатото семејство Робеви од Охрид.
Г. Урумов, зад вас се над сто театарски улоги. Која најмногу оставила белег врз вас?
Не можам да издвојам само една. Секоја улога ми даде нешто и остави емотивно сеќавање во мене. Кон секоја улога се однесував со љубов и страст.
Имате разновиден репертоар на улоги. Како се подготвувате за Шекспир, а како за современи ликови? Како за драма, а како за сатира?
Мене ми е важно да го почувствувам карактерот на ликот, со неговите проблеми што го засегаат и се обидува да ги реши.
Познат сте и по своите натсинхронизации. Што е најтешко при ваквиот начин на глума?
Можеби, да го сфатиш специфичното кај ликот. Тоа е како да скицирате и сенчите цртеж со молив.
Имате ли омилен лик што сте го натсинхронизирале/имитирале?
Сакам повеќеслојни ликови кои се непредвидливи, кои изненадуваат со своите пресврти. Во оваа смисла, подеднакво ги бранам и позитивните и негативните ликови што сум ги играл, така што ми е тешко да издвојам. Бидејќи за мене, неопределеното е многу побогато од определеното.
Сте работеле многу и со странски копродукции. Кои се разликите кога снимате надвор и во Бугарија?
Дебелината на договорот и износот на хонорарот. Што се однесува до снимањата, нема никаква разлика.
Сте одбиле ли некогаш улога и, ако да, зошто?
Да, сум одбивал. Кога дадената улога не ме провоцира, претпочитам да не правам компромис и да не го прифаќам проектот за кој станува збор. На ниедна од засегнатите страни тоа не им треба.
Велите дека приватно сакате тишина. Како тогаш се носите со одговорноста на „познато лице“?
Едноставно не излегувам од дома. Без разлика дали сум во Софија или во куќата покрај морето во Болгарево, се губам во градината опкружена со смокви и молчам. Кога работа ти е да зборуваш, имаш потреба по малку и да помолчиш.
Имате ли некои свои ритуали пред претстава, снимање…?
Пет – десет минути пред настап или снимање, сакам да бидам сам и да се фокусирам. Се затворам во себе и станувам некомуникативен.
Каков е статусот на театарот денес во Бугарија? Се чувствувате ли „безбедно“, згрижено, испочитувано?
Салите се полни. Театрите работат напорно, но односот на политичарите е никаков. Секторот е запоставен, а буџетот постојано се крати за да се одржи дефицитот од три проценти пред Европската Унија.
Како уметник, дали верувате дека културата може да придонесе за зближување меѓу нашите две земји? И, што недостасува за тоа да се направи?
Верувам, секако! Недостасуваат луѓе како стариот чичко Ристо Стефановски, Горан Стефановски и Баге Стефановски, кои работеа за такво зближување.
Во 2008 година, Стокхолм беше Културна престолнина на Европа. Таму, 43 дена, вежбавме и настапувавме во продукцијата на Александар Морфов за претставата „Свадба-погреб“ од Горан Стефановски, напишана специјално за нас. Бев меѓу петте бугарски актери во екипата. Горан дојде од Кент за премиерата. Владо Талевски и Соња Михајлова вежбаа во соседната сала, а Дритеро Касапи и Бајруш Мјаку вежбаа во другата. Бевме обединети, заедно, се чувствувавме како едно.
Пред две години, Сашко Коцев и јас бевме членови на жирито на Фестивалот на монодрамата во Битола. Една недела бевме неразделни со Сашко Коцев и сфативме колку сме еднакви. А, тогаш, Пепи Мирчевски ме пречека со широка насмевка и братска прегратка што ми ја стопли душата.
Чичо Ристо Стефановски ме сакаше многу! Беше исклучително шармантен и слаткоречив. А Благоја Баге Стефановски беше вистински амбасадор и посредник меѓу театарџиите од двете страни. Одличен пријател, со бескрајно големо срце и душа.
Во Куманово е истата радост кога се гледаме со Горан Илиќ.
Како човек кој доаѓа од Болгарево, до Каварна, блиску до граница и културни влијанија, дали верувате дека уметноста може да гради мостови таму каде политиката гради ѕидови?
Да! Тоа е докажано многу пати.
Кој македонски автор би сакале наскоро да го видите на бугарската сцена?
Имам предлог текст од Гоце Рестовски, би бил среќен, ако се реализира наскоро.
Добитник сте на бројни награди. Ви донела ли некоја од нив повеќе притисок, отколку радост?
Напнатоста ја има додека вежбаш, додека бараш и не се смируваш се додека не го пронајдеш највистинитото.
Постои ли улога за која според вас, сте требале, а не сте добиле награда?
Има. Но, сплетот на околности, пристрасноста и субјективноста во ваквите моменти е огромна.
Родени сте покрај голема вода. Тоа само по себе значи дека сте родени како светски човек, со отворени хоризонти. Што мислите, има ли тоа врска што сте актер со „длабочина која бара слобода“?
Веројатно. Тоа е поморска Добруџа. Каде и да се свртите, го гледате бескрајниот простор на морето, полето или небото, што ви дава крилја и ве тера да посакате да летате.
Одите ли во Болгарево? Како ве гледаат: како познат актер или како „оној Урумов, комшијата“?
Ме сметаат за еден од нив, а и јас таму заборавам дека сум актер.
Кога ќе помислите на својот роден крај, што прво ве потсетува на него: звук, мирис, лик…?
Мирисот на алги и зрела пченица, постојаниот ветрец – жежок во лето, а остар и суров во зима.
Вие сте и режисер. Какви текстови преферирате да режирате?
За мене, режијата е способност да се раскажуваат возбудливи приказни на привлечен и непредвидлив начин.
Ништо друго.
Не ми се допаѓа визуелен театар кој е импресивен со ефекти. Исто така, не ми се допаѓа тој театар каде што режисерот „вика“ од секој агол на сцената: „И јас сум тука! И јас сум тука!“
Се караат ли некогаш меѓусебно актерот Урумов и режисерот Урумов и кој победува?
Како што вели поетот Никола Вапцаров: „Борбата е безмилосно сурова, борбата, како што велат е епска!“
Зошто почнавте да режирате? Заради контрола, или за да кажете нешто на „ваш начин“?
Да споделам мисли и идеи коишто ме возбудуваат.
Кога знаете дека на претставата веќе не и сте потребен како режисер?
Кога актерите, занесени во дејствието, динамично и живописно ја материјализираат мојата идеја и концептот како да е нивни на сцената, извршувајќи ги своите задачи во решавањето на проблемите на своите ликови. Оттука, па натаму, сè е магија и волшебство.
Оженет сте, имате ќерка… На што ве научи семејството, а работата не можеше?
На смирение.
Фото: Архива на Николај Урумов