Мо Гавдат, египетски софтверски инженер и поранешен извршен директор на Google X, верува дека наскоро ќе живееме во дистопија и сериозно предупреди за светот што, според него, нè очекува во блиска иднина.
Звучи застрашувачки, но според Мо Гавдат, речиси е сигурно дека наскоро ќе живееме во дистопија.
Луѓето долго време се загрижени за напредокот на технологијата и можностите што се пред нас. Бидејќи Гавдат беше извршен директор на одделот за истражување и развој на Google, каде што работи од 2007 година, јасно е дека е многу добро запознаен со технологијата и развојот на вештачката интелигенција.
За време на гостувањето во подкастот „Дневникот на еден извршен директор“, Гавдат немаше многу оптимистички пораки за нашата иднина.
-Во следните 12 до 15 години, ќе доживееме краткорочна дистопија. Не можеме да избегаме од тоа, рече тој во разговор со водителот Стивен Бартлет.
„Околностите би можеле да излезат од контрола“
Кога го прашаа како би ја дефинирал таа дистопија, тој рече дека станува збор за „неповолни околности кои, за жал, би можеле да излезат од контрола“.
Тој дури рече дека аспектите како „слобода, одговорност, меѓучовечки односи, еднаквост, економија, реалност, иновации, бизнис и моќ“ би можеле целосно да се редефинираат и променат.
Шокантно, тој вели дека тоа нема никаква врска со вештачката интелигенција – и покрај стравот на јавноста за нејзините можности.
-Зависи од моралот на човештвото во ерата на подемот на вештачката интелигенција, верува тој.
Мора да се подготвиме
Тој објасни дека со текот на времето ќе ја надминеме фазата во која „злонамерните актери“ ја користат вештачката интелигенција и нагласи дека ќе мора да се подготвиме за свет кој ќе ни биде многу непознат.
-Следните 15 години ќе бидат пекол пред да стигнеме во „рај“, заклучи тој.
Гавдат предвидува дека дистопијата ќе започне во 2027 година и ќе трае точно 12 до 15 години.
„Веќе следната година ќе видиме посилни знаци, а во 2027 година ќе следи јасен прекин“, рече тој.
„Треба навистина длабоко да размислиме – не за симптомите, туку за причините поради кои живееме во ваков свет. А таа причина се – парите“, заклучи тој.