Слободан ИВАНОВ

Во јули 1946 година, властите во НР Македонија донеле Закон за илинденски пензии, со којшто биле опфатени прво околу 1.800 лица, а кратко потоа тој број се спуштил на околу 1.270 ветерани кои биле вклучени во македонските националнореволуционерни борби од илинденскиот и предилинденскиот период. Во првите години од постоењето на современата македонска држава, неколку илјади луѓе, барајќи илинденска пензија, ги раскажале своите животни приказни… Овие документи се непроценливо значаен извор, прво – за македонската национална историја, и второ – за животната драма на засегнатите луѓе.

Истражувачот Кочо Топузоски, во својата книга „Ветераните на Илинден“ (изд. „Панили“, Скопје, 2017), пренесува дел од тие документи.

Меѓу сите овие ветерани е и Дончо Ацев Симоноски од село Ореовец, Прилепско. Тој бил од познатото прилепско бунтовно и револуционерно семејство Ацеви – татко на познатиот македонски национален херој од Втората светска војна, партизанот Мирче Ацев. Дончо е познат како правнук на месниот херој Симон, кој своевремено го изгонил турскиот паша – тиранин, со што селаните од Ореовец си ја вратиле земјата во свој посед. Синот-единец на Симон, Аџи-Костадин, како ајдук бил убиен од Отоманците, а еден од неговите синови, пак, Аце – како трговец бил ограбен и убиен од турски арамии-платеници.

Аце имал шест сина и три ќерки: Мирче, Илија, Дончо, Петар (Петре), Ордан, Ѓорѓи (Гога), Ануша, Султана и Анастасија. По смртта на татко сѝ, Мирче, Илија, Петре и Анастасија, не можејќи да се прехранат – во различни временски периоди, неколкупати одат на печалба во Бугарија.

Молбата за илинденска пензија на тогаш речиси 80-годишниот Дончо е архивирана во телата на прилепската локална власт во 1951 година. Тука, Дончо истакнува дека бил учесник во Илинденското востание во 1903 година.

Со молбата, приложена е и негова биографија напишана од двајца соборци од Илинденското востание, како што вели Дончо во молбата. На почетокот на биографијата се наведува:

„Роден 1872 година, во село Ореовец, околија Прилепска, сега постојано место на жителство – с. Ореовец. Земјата (на Дончо, н.з.) од 200 декара, се наоѓа во СРЗ (Сојуз на работнички задруги). Семејството му се состои од 3 члена, од кои еден е работоспособен.“

– Јас почнав да работам во организацијата уште во 1895 година. Мене ме организираше мојот брат Мирче Ацев војвода, а потоа и Петре Ацев. Мојата работа прво се состоеше во тоа што уште во 1895. отидов (како) четник во четата (на) војводата Мутафов, раскажува Дончо во својот животопис.

Тука се говори за бугарскиот поручник Васил Мутафов, кој со свои 160 борци и востаници учествувал во Мелничките четнички акции на Македонскиот комитет во 1895., а загинал на 7 јули истата година, кај селото Дебочица, Горноџумајско. Дончо Ацев раскажува како потоа влегол во Прилепската чета на Гоце Делчев, а по нејзиното растурање, се вратил дома во Прилепско, каде што дејствувал како началник на селската милиција на ВМРО.

– Мојот брат Мирче падна убиен во село Уланци, Кавадаречко, во 1900 година, но пред тоа дојде брат ми Петре Ацев и истепаа многу Турци. После смртта на Мирчета, Петре и Гоце Делчев дојдоа кај мене и пак излегоа (како) војводи, а јас паднав в затвор. Во 1902 година бев пуштен од затвор по амнестија, а бев осуден  на 4 години. Штом се прибрав в село, уште вечерта брат ми Петре дојде со четата од 40 души и одма ме зеде со него. Постојано бев во неговата чета, а мојата чета беше организирана уште пред да влезам во затвор, се присеќа Дончо.

Во 1903., се движел низ Ореовец и околните села – Лениште, Плетвар, Крстец и Присат. Пред востанието, се планирал напад на турска единица кај местото Долна Каменица, но не дошле доволно комити и немало доволно оружје.

– Чета водев и (имав) борби со Турците сѐ до 1905 година… Амнестијата (мисли на преминувањето во легална дејност по Младотурската револуција, 1908., н.з.) се даде само за простите четници, а за војводите – не… Отидов во Бугарија, а оттука во Америка каде останав до 1910 година, а после си дојдов во моето село Ореовец, па тогашната власт ме стави под надзор. После доаѓањето на Србите – тие ме забркаа, но јас бегав, продолжува Дончо.

Во Кралска Југославија, вели, „живеел дома“, т.е. останал неактивен револуционер и се занимавал со земјоделство. Токму во тоа време, според истражувачот Коце Солунски, Дончо се оженил со Пара, со која имал 4 ќерки и 3 сина. Семејството било релативно имотно, а имале и куќа во Прилеп. После четирите девојчиња, во 1915. се родил и најстариот од нивните синови – славниот Мирче Ацев.

– За време на окупацијата на Бугарите, ми загинаа два сина – Мирче Ацев и Димче Ацев. Јас бев постојано под надзор, ме интернираа заедно со жена ми, и така – постојано на маки. Никаква помош како илинденец немам добиено ниту во бивша Југославија, ниту пак, во (бугарската) окупација, но само маки и мачење, подвлекува Дончо.

Тој ја завршува својата биографија со потпис. Инаку, овој малку познат македонски војвода поднел две молби за илинденска пензија – првата била одбиена, но жалбата од 1948 година му е уважена, а и втората молба потоа му е прифатена. Според истражувачот Топузоски, по жалбата од 1948., Дончо земал пензија од 1.500 динари – само половина од тогашниот максимум. По молбата од 1951., износот му е зголемен, но повторно, не земал максимални, тогаш – 8.000 динари. Топузоски укажува дека тоа е понижување за овој илинденец.

„Зошто е тоа така, не може ниту да се претпоставува, зашто Дончо Ацев Симоноски не само што лично имал значајно учество во илинденскиот и предилинденскиот период, туку и тројца од неговите браќа како војводи загинале во националнореволуционерните борби. Покрај тоа, двајца негови синови загинале во НОВ (Народноослободителната војсна, н.з.)… Сѐ што е машко од семејството Ацеви загинува во борбите за ослободување – од почетокот до средината на 20. век“, нагласува Топузоски.

Синот на Дончо – Мирче Ацев (крстен по неговиот чичко) е меѓу првите прогласени Народни херои. Топузоски нагласува дека овој однос на властите кон Дончо, зачудува, бидејќи новата народна власт – тогаш, на почетокот, сите свои принципи ги градела врз основа на илинденските револуционерни традиции.

Истражувачот го посочува и податокот дека Дончо поседувал 200 декари обработливо земјиште коешто ѝ го отстапил на раната тнр. „колективизација“, т.е. на Сојузот на работнички задруги. Овој податок можеби е во линија со наводите на истражувачот Солунски, кој вели дека семејството на Дончо не било сиромашно, па можеби и затоа тој добил пониска пензија од други свои илинденски соборци.

Фото: Фејсбук, јавна објава.