Рускиот претседател Владимир Путин во петокот за време на средбата со американскиот лидер Доналд Трамп во Алјаска се согласи дека САД ќе ѝ обезбедат на Украина „силни безбедносни гаранции“ како дел од потенцијалниот мировен договор, изјави денес високиот американски претставник Стив Виткоф.

Тој за Си-Ен-Ен изјави дека тоа е голем пресврт и ги опиша безбедносните гаранции како заштита од понатамошна руска инвазија, слично на Член 5 од Договорот за НАТО, во кој се наведува дека нападот врз една членка е напад врз сите.

Виткоф додаде дека клаузулата е начин да се заобиколи инсистирањето на Русија дека Украина никогаш не може да биде примена во НАТО.

„Постигнавме договор дека Соединетите Американски Држави и другите европски земји можат да понудат безбедносни гаранции слични на оние предвидени со Член 5“, рече функционерот, додавајќи дека тоа е прв пат руски претседател да се согласи на такво нешто.

Тој истакна дека Путин рекол дека црвената линија е приемот на Украина во НАТО, па затоа се дискутирало под претпоставка дека Украинците можат да го прифатат тоа и да живеат со него, а потоа е постигната отстапка според која Соединетите Американски Држави ќе обезбедат безбедносни гаранции.

Виткоф додаде дека како дел од потенцијален мировен договор, Путин се согласил и на правна рамка според која Русија нема да влегува на која било друга територија во Украина или било каде во Европа.

Според Виткоф, Путин, исто така, направил отстапки за време на самитот со Трамп во Алјаска во врска со барањето на Русија за размена на украинска територија. Американскиот функционер одби да даде детали, но посочи дека Кремљ сега верува дека „замената на територијата“ треба да се случи по сегашните линии на фронтот, а не по административните граници на барем некои од петте региони што Путин долго време ги бара.

„Русите направија некои отстапки на преговарачката маса во врска со сите пет од тие региони“, рече Виткоф, додавајќи дека прашањето ќе биде дискутирано со украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на неговата посета на Овалната соба на Белата куќа утре.

Виткоф изрази надеж дека тогаш ќе бидат донесени некои одлуки.

Тој додаде дека руската позиција претставува промена од претходните разговори, но дека сè уште не е доволна за целосен мировен договор.

„Значајна е, но не е доволна. Поентата е дека почнуваме да гледаме одредена умереност во начинот на кој тие размислуваат за постигнување конечен мировен договор“, рече Виткоф.

Тој истакна дека за време на самитот во петокот е постигнат значителен напредок, што го наведе претседателот Трамп да се откаже од своите напори за итно примирје и наместо тоа да работи на унапредување на поширок мировен договор.

Виткоф додаде дека на состанокот е постигнат голем напредок и во другите елементи неопходни за мировен договор.

„Се обидуваме да постигнеме мировен договор што трајно би ги запрел борбите многу брзо, а тоа би било побрзо од прекинот на огнот“, рече функционерот.

Според Виткоф, руската страна отишла подалеку во омекнувањето на своите позиции отколку во претходните преговори.

„За прв пат гледаме поголемо прилагодување отколку порано, секако повеќе отколку за време на претходната американска администрација“, истакна Виткоф, заклучувајќи дека ова е охрабрувачко и дека ова сега мора да биде почетна точка за да се постигне договор за Украина.