Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, денеска одржа средба со младите од општината, претставувајќи ја својата визија за „Новиот Чаир“. Тој потенцираше дека младите се столб на развојот и клучен ресурс на општината, бидејќи над 43% од жителите на Чаир се под 30 години, се наведува во соопштението од ДУИ, што МИА го пренесува интегрално.
„Не можете да дизајнирате визија за „Новиот Чаир“ без вклучување на тие кои сочинуваат 50% од населението на Чаир. Тоа е нашата најголема сила и највреден капитал,“ истакна Османи.
Османи најави изградба на нов мултифункционален центар во центарот на Чаир, на плоштадот „Скендербег“, кој ќе биде составен од три главни компоненти:
• Дигитална и иновациска лабораторија Османи ја опиша како „простор во кој младите ќе можат да ги манифестираат своите креативни способности преку концептот ‘биди свој мајстор’. Лабораторијата ќе располага со современи алати и технологии, каде секој млад човек ќе има можност да експериментира, да создава и да иновира.“ Тој додаде дека оваа лабораторија ќе биде „жив центар за идеи и иновации, каде талентот на младите ќе се претвора во конкретни решенија за Чаир.“
• Современа библиотека која ќе биде и класична и целосно дигитализирана. „Општината ќе ги дигитализира сите неопходни книги преку отворени системи, за секој млад човек да може од својот телефон да има пристап до литературата што му е потребна. На младите во Чаир ќе им понудиме цела библиотека во џеб, знаење достапно секогаш и секаде,“ изјави Османи.
• Културен центар наменет за младинските музички, артистички и креативни групи. „Овој центар ќе биде дом на креативноста во Чаир. Музичките групи, уметничките колективи и младите таленти ќе имаат простор каде ќе можат да вежбаат, да се изразат и да настапуваат. Сакам културниот живот на Чаир да добие сцена која ќе ја одразува неговата младинска енергија и талент,“ потенцираше Османи.
„Овој комплекс ќе биде срцето на визијата за „Новиот Чаир“ и симбол на урбаната преродба на општината,“ нагласи кандидатот за градоначалник.
Османи најави и општински стипендии за најдобрите студенти од Чаир, за поддршка на академскиот развој, како и Фонд за иновации, кој секоја година ќе финансира најиновативни младински идеи.
„Општината ќе ги поддржи младите кои со користење на вештачка интелигенција ќе развиваат решенија што ја олеснуваат секојдневната работа на општината и животот на граѓаните,“ изјави Османи.
Кандидатот најави формирање Младински совет на Чаир, кој ќе одлучува за распределба на 5% од буџетот на општината. Исто така, ќе се реализира проектот „Таленти на Чаир“, преку кој најдобрите студенти директно ќе се вработуваат во општинската администрација.
Визијата на Османи вклучува и Подобрување на јавниот простор и дигитална достапност што подразбира: реновирање на парковите, обезбедување бесплатен интернет во јавните простори, дополнителни бесплатни обуки за млади за програмирање, кодирање и дигитални вештини.
„Чаир сакаме да го претвориме во центар на технологијата. Ако половина од населението се млади, тогаш мораме да го искористиме овој капитал и да создадеме општина на иднината,“ порача Османи.
ДУИ