Европската комисија најави дека утре ќе претстави пакет санкции кон Израел, како одговор на случувањата во Газа.

– Утре, за време на седницата на Комисијата, комесарите ќе усвојат пакет мерки кон Израел, изјави денеска портпаролката на Еврокомисијата, Паула Пињо.

Според Пињо, „главната суштина“ на пакетот мерки би била суспендирање на одредени трговски одредби од Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел, како и санкционирање на екстремистичките министри во израелската Влада и насилните еврејски доселеници на Западниот Брег.

Идејата за воведување санкции кон Израел ја најави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во нејзиното минатонеделно обраќање за „Состојбата на Унијата“ пред Европскиот парламент во Стразбур.

– Она што се случува во Газа ја раздрма совеста на светот. Ќе предложиме санкции за екстремистичките министри и за насилните доселеници. Исто така, ќе предложиме и делумно суспендирање на Договорот за асоцијација за прашања поврзани со трговијата, рече Фон дер Лајен.

За да бидат усвоени предлог мерките за санкции треба да бидат поддржани од земјите членки на ЕУ, кои имаат различни ставови кон Израел, што го доведува во прашање нивното одобрување. Сепак, најавата за предлагање санкции се толкува како јасен политички сигнал дека во Брисел расте неодобрувањето на постапките на Израел во Газа.

Најавата следи откако израелските сили вчера започнаа копнена офанзива во градот Газа, по неколку неделно жестоко бомбардирање, а Независната меѓународна комисија на ОН за истрага на окупираните палестински територии денеска објави извештај во кој се оценува дека „Израел извршил геноцид врз Палестинците во Појасот Газа“.

– Комисијата утврди дека Израел е одговорен за извршувањето на геноцид во Газа. Јасно е дека постои намера да се уништат Палестинците во Газа преку активности што ги исполнуваат критериумите за геноцид утврдени во Конвенцијата за геноцид, изјави претседателот на Комисијата Нави Пилај.

Според Комисијата, експлицитните изјави на израелските цивилни и воени власти и моделот на однесување на израелските безбедносни сили укажуваат дека геноцидните дела биле извршени со намера целосно или делумно да се уништат Палестинците во Појасот Газа како група.

Комисијата ги повикува Израел и сите држави да ги исполнат своите законски обврски според меѓународното право за да го запрат геноцидот и да ги казнат одговорните за него.

МИА