Во документ подготвен од поранешниот претседател на Уставниот суд на Белгија, Марк Босаут се повикуваат земјите членки на ЕУ во Судот за човекови права во Стразбур да именуваат „поконзервативни“ судии, на сметка на оние кои имаат „активистички толкувања“ околу принципите за почитувањето на човековите права.

Во документот со правни совети поврзани со миграцијата, за кој се тврди дека е изработен на барање на кабинетот на белгискиот премиерот Барт де Вевер, Босаут ги охрабрува државите од ЕУ да ги преиспитаат одлуките на ЕУ за депортирање на лицата чии барања за азил се одбиени, порачувајќи им дека тие „не треба да бидат обесхрабрени“ поради стравувањето дека би биле обвинети за кршење на принципите на владеењето на правото.

Според бриселските медиуми, документот е испратен до десетина земји членки на ЕУ, меѓу кои се и Германија, Грција и Холандија.

– Државите се господари на договорите што ги потпишале, а владите се нивни претставници, наведува Босаут во документот насловен „Како да се одговори на загриженоста изразена од девет лидери на ЕУ?“.

Според Босаут, само малкумина избрани судии во Судот во Стразбур имаат лично искуство со процедурите за азил и би било пожелно во него да се номинираат судии кои се залагаат за „судска воздржаност“, наместо оние кои се придржуваат до „активистички толкувања“ на човековите права.

Босаут, исто така, ги повика земјите членки да размислат за измени на Конвенцијата за човекови права, прописите за азил на ЕУ или на Шенгенскиот договор за слобода на движење, со цел да се избегнат судски преседани.

Според него, измените треба да се однесуваат на оние одредби врз основа на кои се донесени судски пресуди со кои се оспоруваат одлуките за депортација на одбиените азиланти и со кои се отежнува постапката за нивно враќање.

Европската комисија веќе предложи нови мерки со кои треба да се забрза постапката за враќање на лицата чии барања за азил се одбиени, но Босаут смета дека овие измени се дискутабилни и со нив се прави обид за воспоставување рамнотежа помеѓу хуманитарните обврски и способноста на земјите да ги контролираат своите граници.

Според Босаут, дури и националните судови „отишле предалеку“ барајќи пристоен прием на барателите на азил во земјата во која се протерани, реферирајќи на судските одлуки со кои се блокира префрлањето на баратели на азил во земји, како членки на ЕУ, така и трети држави кои не членуваат во Унијата, поради „ризици од тортура“ и „нехуман и понижувачки третман“, што е спротивно на Член 3 од Конвенцијата за човекови права.

Тој смета дека клучно прашање е дали при почитувањето на обврската за грижа за барателите на азил, треба буквално да се толкуваат одредбите за забраната на тортура.

– Непостоењето на пристојни услови за прием на барателите на азил, не е исто што и камшикување. Во ниту една од земјите членки на ЕУ не постои реален ризик барателите на азил да бидат камшикувани, додава Босаут.

Документот следи откако во мај девет земји членки на Унијата, предводени од Данска и Италија, во заедничко писмо го обвинија Европскиот суд за човекови права во Стразбур дека ја пречекорува Европската конвенција за човекови права и дека „претерува“ со одлуки во корист на поединци, не водејќи при тоа сметка за националната безбедност на државите. сп/ 

Фото: Архива