Елизабета МИТРЕСКА

Кога познатиот прилепчанец Благоја Самакоски пред повеќе од 35 години на прилепчани им рече дека ќе развива машини од композитни материјали со висока технологија, беше пречекан со скептичност и неверување. Како да рекол дека ќе стигне на Месечината. По 35 години средината има сѐ уште сомнеж, но во контекст на сѐ почестата употреба на изразот „вештачка интелигенција“, некои работи доаѓаат на своето место.

Компанијата  „Микросам“ во светот има испорачано над 340 производни линии во повеќе од 45 земји. Произведува најинвентивни роботски машини за вселенски делови, машини за авиоиндустријата, водородни резервоари…

Благоја Самакоски, основачот на компанија која го прави Прилеп „македонска силиконска долина“, има отворен поглед на светскиот технолошки развој, одредена критичност кон поимањето на „вештачката интелигенција“ и стравот од неа и јасна визија за иднината. Работата сѐ повеќе им ја препушта на младите генерации, врсници на технолошкиот развој како што е синот Самоил Самак. На прашањето во разговорот за МИА зошто во Прилеп, Самакоски со увереност вели градот под Марковите Кули не е случајно седиште.

 

-Можеби многумина не знаат, Прилеп беше центар на композитната индустрија во поранешна Југославија. Произведувавме композитни материјали, и за воената и за цивилната индустрија. Кога почнаа да бараат совети и консултации од нас, сфативме треба да го работиме она што го знаеме. Тогаш не можевме да работиме со композитни материјали, бидејќи немавме опрема, па решивме да правиме опрема, вели Благоја Самакоски.

Посочува случај, малку чуден, но гордо го истакнува. НАСА ги побарала да сработат за нив.

-Пред извесно време добивме информација дека двајца инженери од НАСА сакаат да дојдат кај нас и да ни понудат да работиме на проект. Нам ни беше чудно. Зошто кај нас? Зарем нема во САД? Идејата беше за во вселената да се произведува дел од композити со два роботи. Футуристичка идеја од НАСА. Ние го направивме тоа. Првпат во светот. И мислевме никогаш никој нема да купи таква ќелија. Откако тоа НАСА го обвјави, дојде делегација од Ербас и, второ, најголемиот центар во САД за обука на авиоинженери, за истражување и развој кој прв ја купи таа машина, а потоа купи уште три, гордо раскажува Благоја.

Основачот на Микросам има критички однос кон поимањето „вештачка интелигенција“. Смета дека поимот е повеќе политички разбран и создаден. За него е нелогичен стравот од алатка која е создадена на човекот да му помогне.

-Вештачката интелигенција во оваа форма во која ја имаме е една добра алатка за подобрување на продуктивноста. Тие приказни дека роботите ќе тргнат против луѓето, според мене се политички флоскули. А за стравот дека ќе се загубат работни места – па таков бил стравот во Англија кога се појавила текстилната револуција против машините. Но, технолошкиот развој не може да се спречи, а не може да има невработени луѓе ако има работа. Работа има, прашањето е за попродуктивно производство. Сега, со таканаречената вештачка интелигенција, потребно е поголемо знаење како да се користи како алатка. Треба да знаеш што прашуваш, како прашуваш и што таа знае да ти даде. Таа е само правец кој те води да најдеш побрзо решение за некој проблем, го објаснува Благоја Самакоски своето видување за вештачката интелигенција.

 

Според него, земјава нема пари да развива платформи со висока технологија, но треба да ги користи достигнувањата.

-Како платформа, Македонија не може да биде некаде, бидејќи како и за многу други технолошки револуции, нема средства. Потребни се милијарди за развој. Но, Македонија треба да се најде себе си како да ја користи за да го подобри квалитетот на производите, на фирмите, на државата, смета Самакоски.

Самоил Самак, генерален менаџер на Микросам е претставник на новата генерација која е дел од технолошкиот развој. Смета дека вештачката интелигенција не е баук, само алатка да се подобри работниот процес, животот. Единствено може да ја злоупотребат лоши луѓе. Во контекст на Институтот за современи композити и роботика сегашниот момент на високата технологија во Микросам е поврзување на практиката и истражувањето.

-Институтот ги решава проблемите со кои се сретнува „Микросам“. Нуди истражувања, пробни делови во високата технологија. Стручњаците ги развиваат и ги решаваат тековните приблеми и бараат решение што многу му помага на Микросам во производниот процес на современите машини од композитни материјали, вели Самоил Самак.

И Благоја и Самоил имаат свој „сон“ кој сакаат да го преточат во реалноста. За Самоил тоа е поголема соработка со авиоиндустријата до финален производ.

-Една од нашите цели е да навлеземе подлабоко во воздухопловната индустрија. Да бидеме дел од финалните решенија. Мислиме дека имаме доволно знаења за тоа, самоуверено вели Самоил Самак.

 

Благоја Самакоски посакува нивната работа да ја препознае државата зашто може да помогнат во подобрување на работните процеси.

-Имаме решенија кои го подобруваат работниот процес, имаме решенија за вметнување наш оперативен систем што се големи достигнувања. Се надеваме дека и државата еден ден ќе го сфати тоа и ќе нѐ поддржи, вели Самакоски.

Основачиот на Микросам, Благоја Самакоски и во поглед на високиот технолошки развој во светот и во поглед на „вештачката интелигенција“ има свое филозовско видување.

-Филозофски гледано, нашиот живот е вечна борба помеѓу доброто и злото. Алатките треба да нѐ направат попродуктивни за сите да имаме подобар живот, а не да се плашиме. Алатките треба да знаеме да ги користиме. Џабе е некому да му дадеш „ферари“, ако нема возачка дозвола, констатира во интервјуто за МИА прилепчанецот Благоја Самакоски кој сѐ уште,  за некои „неверни томовци“, сонува за лет на Месечината.

Фото: „Микросам“