Лидерот на военото крило на Хамас во Газа наводно го отфрлил мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на војната во Газа и е решен да продолжи да се бори против Израел.

Из ал-Дин ал-Хадад, кој наводно одиграл клучна улога во нападот врз Израел на 7-ми октомври 2023 година, верува дека договорот е наменет за да го докрајчи Хамас – без оглед на тоа дали движењето го прифаќа планот или не, објавува Дејли Меил.

Трамп пред два дена му даде на Хамас три до четири дена да го прифати мировниот план, кој Израел веќе го одобри, предупредувајќи за „многу тажен крај“ ако групата го отфрли предлогот.

Планот од 20 точки бара исламистичката милитантна организација да се разоружа, да ги ослободи заложниците во рок од 72 часа и да се согласи на прекин на огнот.

Исто така, се бара Израел да ослободи голем број палестински затвореници и да се повлече од Појасот Газа, со цел да се воспостави преодна влада предводена од меѓународно тело – што значи дека Хамас нема да има никаква идна моќ во енклавата.

Според Би-Би-Си, ова е неприфатливо за Ал-Хадад, кој е решен да ја продолжи борбата.

Се верува дека членовите на Хамас се поделени околу тоа дали да го прифатат планот – додека некои членови на политичкото раководство во Катар се подготвени да го прифатат со некои измени.

Меѓутоа, тие претставници имаат мало влијание врз одлуката, бидејќи немаат контрола врз заложниците што ги држи организацијата.

Околу 48 заложници се уште се во Газа, од кои се верува дека приближно 20 се уште се живи.

Барањето сите заложници да бидат ослободени во рок од 72 часа се смета за клучна пречка за терористичката група, бидејќи таков потег би значел откажување од нивниот единствен адут за преговарање.

Другите лидери на Хамас не му веруваат на Израел и веруваат дека администрацијата на Трамп нема да може да го спречи премиерот Бенјамин Нетанјаху да ја рестартира воената кампања – особено по неодамнешното неуспешно убиство на високи функционери на Хамас во Доха без одобрение од САД.