Палестинското движење Хамас соопшти дека прифаќа да ги ослободи и предаде сите израелски заложници – и живи и мртви – во согласност со предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Хамас, исто така, ја потврди својата подготвеност веднаш да почне преговори преку медијатори за деталите од договорот.
Палестинската организација, исто така, изразува и подготвеност да се откаже од контролата врз Појасот Газа и да ја предаде администрацијата на политички независно палестинско тело, се посочува во соопштението.
Хамас смета дека оние аспекти од предлогот што се однесуваат на иднината на Појасот Газа и правата на Палестинците треба да се одлучат врз основа на „едногласен палестински став“ постигнат со други фракции и врз основа на меѓународното право.
Во соопштението не се споменува разоружувањето на Хамас, клучно израелско барање вклучено во предлогот на Трамп.
Соопштението доаѓа неколку часа откако Трамп му даде ултиматум на Хамас: или да се согласи на договор до недела на полноќ или да се соочи со уште помоќен воен напад.
Одговорот на Хамас веќе е доставен до Белата куќа.