Соопштение за јавност

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на граѓанската трибина во Велес го истакна разочарувањето на граѓаните од владеењето на локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ, која четири години не успеала да реализира ниту еден капитален проект.

„Градот стагнира, проектите стојат, ветувањата останаа само на хартија. Нема донесен Генерален урбанистички план. Не е реконструирана зградата на Противпожарната служба, нема ниту нови возила – безбедноста на граѓаните е загрозена. Индустриската зона Мамутчево 2 не е проширена, не е инфраструктурно уредена – затоа нема нови фабрики, нема нови работни места”, рече д-р Филипче.

Тој додаде дека во Велес градоначалникот нема резултати бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е без визија и капацитет да го развива Велес, набројуваќи проблеми кои локалната власт ги оставила на велешани.

„Нема изградено пречистителна станица за отпадни води. Езерото Младост е претворено во еколошка катастрофа.
И најиронично – сите овие неостварени проекти пак се ставени во нивната нова програма! Како да мислат дека народот има кратка меморија”, посочи д-р Филипче.

Филипче потенцираше дека решението е во чесните и способни кандидати на СДСМ, давајќи поддршка на кандидатката за Градоначалничка, Маја Хеско и советничката група.

„Маја Хеско како кандидатка за Градоначалничка и советничката група на СДСМ нудат конкретни проекти и решенија: нова урбанистичка регулација за справување со сообраќајниот хаос, реконструкција на спортската сала „Гемиџии“, изградба на затворен базен, модерна пречистителна станица за езерото Младост и целосно уредување на зелените површини и јавните простори“, порача д-р Филипче.

Лидерот на СДСМ рече дека на 19 октомври граѓаните ќе изберат тим кој ќе работи за Велес да биде модерен и европски град.

„Ова се луѓе кои знаат како да работат, кои имаат интегритет и резултати зад себе. Масовното излегување на изборите на 19 октомври ќе покаже дека граѓаните избираат тим што може да го врати животот во Велес и да го направи градот по европски стандарди, каде младите сакаат да останат“, порача д-р Филипче на граѓанската трибина на СДСМ и Коалицијата „Се бориме за нашиот дом”, во Велес.