Цената на златото порасна за повеќе од еден процент и денеска достигна нов рекорден максимум над 3.900 долари за унца, поттикната од загриженоста за „затворање“ на американската администрација и од очекувањата за нови намалувања на каматните стапки од страна на Федералните резерви.
Цената на златото на спот-пазарот се зголеми за 1,5 отсто на 3.943,01 долари за индустриски стандардна унца во европската трговија, додека фјучерсите на американското злато се искачија на 3.966,37 долари.
Побарувачката за злато се зголеми поради политичката неизвесност што ја предизвика продолжувањето на „затворањето“, што влезе во својата втора недела. Демократите остануваат цврсти во одбраната на здравствените придобивки, додека претседателот Доналд Трамп се заканува со отпуштања и кратења на буџетот. Трамп најави дека може да нареди масовни отпуштања на државни службеници уште од понеделник, кога Сенатот повторно ќе гласа за привремена мерка за финансирање на владата.
Во текот на неделата, фокусот на пазарите ќе биде на прелиминарните податоци за потрошувачкото расположение во САД за октомври, записниците од последниот состанок на Федералните резерви и обраќањата на неколку функционери на централната банка, меѓу кои и претседателот Џером Пауел.
Пауел треба да одржи говор на банкарска конференција во Вашингтон в четврток.
Според алатката FedWatch на CME Group, пазарите моментално проценуваат 96,7 проценти веројатност дека Федералните резерви ќе ги намалат каматите за четвртина процентен поен во октомври, и 84,9 проценти шанси за уште едно намалување во декември.
фото: архива