Каја Шукова, кандидатка за градоначалничка на Град Скопје од СДСМ, укажа на итната потреба од расчистување и обезбедување на просторот на Вардариште, со цел да се спречи понатамошно диво депонирање и палење отпад, се вели во соопштението на СДСМ, кое МИА го пренесува интегрално.
„Имало неколку обиди за расчистување на Вардариште, но без траен ефект. Просторот е необезбеден и неограден, без континуиран надзор, што овозможува граѓани и фирми да депонираат шут и комунален отпад. Прво мора да се расчисти теренот, да се огради и да се воведе 24/7 надзор. Само така ќе спречиме нови пожари и загадување“, изјави Шукова.
Според кандидатката, дел од Вардариште сè уште функционира како претоварна станица, но остатокот од просторот е сериозно запуштен и претставува еколошка и безбедносна закана. Палењето на отпадот предизвикува сериозно загадување, особено во општините Аеродром и Гази Баба, но и пошироко, бидејќи, како што рече Шукова, „воздухот не познава граници“.
Шукова повика на координирана акција со механизација и соодветна опрема како багери и друга тешка машинерија, со цел Вардариште конечно да добие третман каков што заслужува.
Таа во своето гостување на ТВ21 ја појасни институционалната поставеност на Вардариште и потенцираше дека оваа локација не е државна надлежност, туку е целосно во рацете на локалната самоуправа.
„Вардариште до 1996 – 1997 година беше депонија за градот Скопје. Откако беше изградена Дрисла, Вардариште стана претоварна станица. Овој простор е во надлежност на Градот Скопје и не е под одговорност на државата. Локалната власт мора да покаже сериозна одговорност и капацитет во управувањето со овој објект“, изјави Шукова.
Иако државата, преку стратешките документи за управување со отпад, го вклучува Скопскиот регион во поширокиот систем на регионално управување, конкретната надлежност врз Вардариште останува кај градската власт. Шукова ја нагласи потребата од професионално и стратешко управување на оваа локација, која има суштинска улога во целиот синџир на третман на отпад во Скопје.
Вардариште мора да стане модерна претоварна станица по европски стандарди
„Вардариште треба да остане претоварна станица, но таа мора да биде уредена по европски стандарди. Тоа не значи само претовар од помал камион во поголем – туку значи поставување на системи за селекција, третман и користење на отпадот. Само така овој простор ќе биде дел од модерниот и одржлив систем за управување со отпад“, рече Шукова.
Според стратешките документи на државата, Вардариште е предвидено како регионална претоварна станица, а не како депонија. За тоа да се реализира, потребно е да се вложат значителни средства во инфраструктура, технологија и човечки капацитети.
Шукова потенцираше дека модерната претоварна станица треба да вклучува и соодветна опрема за селекција и намалување на отпадот уште на самиот објект. Претворањето на Вардариште во функционална, безбедна и технолошки опремена претоварна станица е клучен чекор за целосно решавање на проблемот со отпадот во Скопје и Скопскиот регион.
Таа истакна дека решението за управувањето со отпад мора да се гледа низ регионален пристап, со целосно вклучување на сите општини од Скопскиот регион и искористување на достапните европски фондови.
„Скопскиот регион треба да се финансира преку ИПА средства – тоа се европски пари. За да се пристапи кон нивно користење, мора да се изработи нова физибилити студија која ќе покаже како ќе се собира и третира отпадот во целиот Скопски регион, а не само во градот Скопје“, изјави Шукова.
Северна Македонија има осум статистички региони кои не се административни, но се третираат како единици за спроведување на регионални стратегии. Во сите нив веќе се преземаат активности за управување со отпад, дел се финансираат преку ИПА фондовите, а дел преку заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Шукова нагласува дека и Скопскиот регион мора системски да се вклучи во овие процеси.
Време е Скопје да добие сопствен систем за управување со отпад, со фокус на селекција и европско финансирање
Шукова изјави дека Скопје и државата мора да изградат сопствен, стабилен систем за управување со отпад, наместо да се потпираат на концесии кои досега не дадоа резултати.
„Имаше обиди за концесија на Дрисла, но тие не беа успешни последната концесија беше раскината пред околу пет години. Приватните партнери работат по повисоки цени, што значи повисоки трошоци за граѓаните. Затоа велам – ние мора сами да го изградиме системот: со селекција, со реупотреба, со одговорност“, рече Шукова.
Во моментов, граѓаните плаќаат надомест за отпад според квадратура, а не според количина. Шукова посочи дека во делови од земјата наплатата е едвај 45%, што е премалку за јавните претпријатија да функционираат одржливо. Затоа таа предлага долгорочно воведување на систем „плаќање според количина на отпад“.
Истовремено, се работи на нова физибилити студија за управување со отпадот во Скопскиот регион, финансирана од ЕУ преку Брисел. Таа студија ќе биде основа за нови европски инвестиции и треба да биде готова во рок од година до година и пол, објасни Каја Шукова за ТВ 21.
„Градот мора да инвестира и сопствени средства во овој процес. Управувањето со отпад е еден од трите најважни приоритети за Скопје, и мора да го третираме како таков – со системски, а не ад-хок решенија“, порача Шукова.
Центар за комуникации со јавноста на СДСМ