Пламен Тотев е важна личност не само во бугарската книжевност туку и во контекст на регионалната книжевна соработка. Неговата децениска активност како литерат, придонесува и да се промовираат современите македонски автори во Бугарија, а преку издавачките куќи кои ги основал, ја издигнува книжевната мапа на овие простори над националните граници. Тој едноставно кажано е на раскрсницата меѓу литературата, културата и меѓудржавната соработка.

Тотев (1964 година, Ловеч, Бугарија), дипломирал филологија на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, а специјализирал историска поетика на бугарската книжевност. Тој е автор, критичар и издавач: има објавено стотици литературно-критички и книжевно-историски написи, рецензии, статии за проблеми на литературата, издаваштвото и културата. Автор е на „За место на врвот“ (1994-та), „Бугарскиот епски сон“ (1995-та), „Животот на класиците“ (2014-та) – објавена на македонски јазик под називот „Животот на литературната класика“…, составувач е на антологии, основал две издавачки куќи (“Персеј”, 2004 година И “Изида”, 2012-та), преку кои значајно придонел за промоција на современите балкански литературни дела во Бугарија.

Во 2023 година, Пламен Тотев ја доби престижната македонска литературна награда “Рациново признание”.

Господине Тотев, што според Вас ја прави една книга трајна, вечна?

-Книгите што припаѓаат на литературните класици се вечни – просеани низ времето, сакани од генерации читатели. Да, се прашував што од денешната литература ќе стане класика. Не можам да набројам одредени автори и наслови што ќе станат класици за идните генерации. Книжевната критика, до степен до кој постои во својата вистинска смисла и во Бугарија и во Македонија, одамна престана да ги исполнува своите примарни функции, туку таа стана слуга – на актуелните пријатели или моќници во литературата. Медиумите и социјалните медиуми денес играат многу поодлучувачка улога од критиката како книгата да стигне до повеќе читатели. Но, тоа не значи дека таа книга ќе стане иден класик.

Се менува ли вкусот на публиката во Бугарија?

-Да, тој постојано се менува. Ме интересираат книгите уште од дете и сум сведок на бранови во преференции и вкусови на читателите. Се сеќавам на времето кога десетици, стотици луѓе се редеа пред книжарниците за да ги купат класичните романи како „Грофот од Монте Кристо“ од Александар Дима, „Чичко Горио“ и „Изгубени илузии“ од Оноре де Балзак, „Црвено и црно“ од Стендал, „Бел-Ами“ од Ги де Мопасан.

По промените, на крајот на 20-от век, имаше бум кај љубовните романи, кои претходно не беа објавувани не од идеолошки, туку од естетски причини – поради нивните контроверзни уметнички квалитети. Но, читателите (или поточно читателките) беа жедни за таква литература. Сега живееме во глобален свет и информациите за најновите вести од светската литература брзо стигнуваат до сите.

Ова е она што го прават некои издавачи – доволно е да ги следат американските листи на бестселери, да ги купат правата и да ги објават овие книги. Лично, тоа не ме интересира. Претпочитам да ги донесам сопствените откритија како читател, а потоа како издавач. Затоа претпочитам не американски автори, туку европски, вклучувајќи ги и македонските. Книги што малку издавачи во Бугарија се спремни да ги објават, бидејќи овие книги не доаѓаат со нивната глобална реклама и популарност, а работите поврзани со нивната промоција се многу, многу потешки и неизвесни.

Како ги бирате книгите што ги објавувате?

-Често бирам книги врз основа на нивниот синопсис – оние што би ми се допаднале како читател и би сакал да ги прочитам. Секако, ова не е доволно, бидејќи честопати се покажува дека книгата има добра идеја, но е лошо напишана, елементарна, заплетот е сошиен со бели конци и нема логика во постапките на ликовите. Затоа често им дозволувам на преведувачите да ги прочитаат, да го видат стилот на авторот и како пишува. Дури тогаш донесувам одлука…

Од друга страна, тука се и наградите што ги добиле книгите. Но, ми се случило непријатно да бидам изненаден од книга за која веќе сум потпишал договор, бидејќи добила голема светска или европска награда, но откако ќе биде преведена и подготвена за објавување, гледам дека книгата е лоша, снобовски настроена и егоистично претенциозна. Да, за жал, морав да објавам неколку такви книги, но беше предоцна да се откажам. Обврската веќе беше дадена, а јас си стојам на зборот – без разлика дали е потпишан договор или е даден усно… Сепак, ми се допаѓаат повеќето книги што ги објавувам. Мило ми е што и читателите во Бугарија ги сакаат.

Во 21-годишната историја на мојата издавачка куќа – „Персеј“, сè уште има 10-20 книги што беа број еден на листите за најпродавани книги во Бугарија. Покрај тоа, некои од нив се дури и поезија – на пример, антологијата на светската љубовна поезија „Те сакам“, чиј составувач сум јас и е најпродаваната книга поезија во Бугарија.

Што е најтешко во издавањето книги денес?

-Промоција и продажба. Сè потешко е меѓу стотиците, илјадници нови книги да се воспостави нов, непознат автор кој не доаѓа со светска реклама. Ако успеете, тогаш продажбата е лесна. Но, вистината е дека станува сè потешко. Затоа сите мои колеги претпочитаат да објавуваат актуелни светски бестселери или повторно да објавуваат познати книги и автори.

Колку влијае комерцијалниот успех врз вашите уредувачки одлуки?

-Комерцијалниот успех е важен. Тој е на крајот критериум за тоа дали сте направиле успешна публикација. Но, јас не сум еден од оние издавачи кои го бараат по секоја цена. За мене е важно книгата да стигне до читател кој би ја прочитал. На крајот, се случува да донираме некои книги што не сме можеле да ги продадеме на библиотеките – за да можат сè уште да се читаат и да се направи место за нови книги.

Постои ли денес вистинска книжевна критика, или се претворила во ПР за издаваштвото?

-Нема вистинска литературна критика. Сè поретко читам добар, добро аргументиран критички текст. ПР-от е распространет и лесен, истите текстови се копираат и се лепат во различни медиуми.

Познато е дека промовирате македонски автори во Бугарија. Како започна таа идеја?

-Се се случи случајно. Преку колеги писатели и издавачи (како поетот Димитар Христов, кој е поранешен директор на Бугарскиот културен центар во Скопје и македонскиот издавач Нове Цветановски), се запознав со современата македонска литература, за која не знаев апсолутно ништо. Ми стана интересно. Потоа, со текот на годините, самиот почнав да следам и да набљудувам што се случува во денешната македонска книжевност.

Дали политичката клима влијае на културната соработка и како ја надминувате?

-Тоа не може, а да не влијае, бидејќи создава погрешни ставови кај луѓето кои немаат доволно знаење и контакти со луѓето преку државната граница. Поради политичарите и медиумите, има Бугари кои не биле во Македонија и веруваат дека таму ќе бидат пречекани со омраза и непријателство, како непријатели. Тие мислат дека е речиси опасно да се патува во Македонија. Да, можам да признаам дека пред околу десетина години, за прв пат дојдов во Скопје со извесна загриженост, а пред тоа го прашав мојот македонски колега и пријател Нове Цветановски каде е безбедно да го оставиме автомобилот, каде да избереме место за престој. Но, секаде среќавав и наидував на насмевки и пријателски однос, дури и меѓу тотално непознати како на улица или на пазар, кога ќе сфатеа дека сум Бугарин.

На ист начин, Бугарите кои доаѓаат на средбите со македонските писатели што ги организираме во Бугарија – во Софија, мојот роден Ловеч, Стара Загора, Пловдив, Благоевград, Хасково… се однесуваат кон нас со голема симпатија и пријателство. Мислам дека токму културата и литературата ни помагаат подобро да се запознаеме, да разбереме дека сме исти, добри луѓе, со позитивен став едни кон други.

Деновиве, случајот со српската ѕвезда Цеца во Велес и реакцијата на публиката на нејзиниот концерт, кој стана вирален на социјалните мрежи на Балканот, предизвика голема врева во Бугарија. Неколку месеци претходно, Цеца се завитка со бугарското знаме на концерт во Ниш, но таму немаше таква реакција. На ист начин, мислам дека немаше да има таква реакција доколку Енрике Иглесијас се завиткаше со македонското знаме на концерт во Софија. Она што се случи во Велес покажува дека имаме проблем. И го објаснувам ова со ставовите што ги споменав, со недостатокот на познавање на другиот и неговите добри намери.

Не мислам дека секогаш треба да бараме и очекуваме злонамерност и лоши работи. Ајде повеќе да го бараме доброто кај другата личност. А за тоа, ни треба повеќе разбирање за нивните мотиви и нивната гледна точка. Знам дека е тешко, па дури и болно да ги преиспитате работите што сте ги научиле. Но вистината е секогаш некаде на средината.

Јас лично не ги сакам луѓето кои се убедени во својата апсолутна исправност и не сакаат ни да чујат поинакво гледиште. Во овој конкретен случај, мислам и на Македонците и на Бугарите. Да се слушаме повеќе. За да можеме да се разбираме. И да разбереме дека сме блиску, многу поблиску од кој било друг што живее на Балканот. И да одиме заедно и да си помагаме. И кога е потребно, да се бориме заедно. Бидејќи поголемите и посилните честопати нè сметаат за пиони што можат да ги поместуваат како сакаат во нивната игра.

Кои македонски писатели ви оставиле најсилен впечаток?

Има многу, навистина многу, и веројатно ќе пропуштам да споменам некого. Луан Старова и Оливера Николова, кои повеќе не се со нас, беа мои омилени автори и драги пријатели. Автори и пријатели кои ги ценам се и Венко Андоновски, Фросина Пармаковска, Горјан Петревски, Јагода Михајловска Георгиева, Александар Прокопиев… и многу, многу други. Во летото на Меѓународниот семинар во Охрид, ги запознав Елизабета Шелева и Димитар Пандев. Тие оставија исклучително силен впечаток врз мене – одлични специјалисти во својата област, но исто така поседуваат и неверојатна харизма. Истото можам да го кажам и за Кристина Николовска – плус, таа е и восхитувачка организаторка и културен менаџер.

Која е вашата најголема мотивација за да продолжите со оваа работа? Што најмногу Ве инспирира?

Љубовта и страста. Тие се всушност моторот на сè во животот. Тие ве мотивираат да дејствувате, да создавате, да уживате во животот. Без нив, духот ќе исчезне во монотонијата и здодевноста на секојдневниот живот. Љубовта е барут, а страста е пламенот, кој во тебе го запалува она што ќе те натера да се бориш за да ги оствариш своите соништа – да ја освоиш личноста што ја сакаш, или да создадеш или постигнеш нешто… Во мојот случај, тоа е мојата љубов кон книгите и литературата, која е присутна уште од детството. И страста за создавање книги – да ги бирам, објавувам, а понекогаш и да ги претворам во бестселери.

Значи, љубовта и споделувањето – дека постојат луѓе кои ги делат моите вкусови и вредности. Ова ме инспирира. Не сум од оние луѓе кои се самодоволни. За мене, има смисла кога правам нешто со или за другите.

А младите автори за да бидат слушнати надвор од својата земја, што мислите дека треба да направат?

Да ги следат своите соништа. Но, исто така, да бидат реални. Сретнав многу бугарски и македонски писатели кои сакаат да бидат објавени низ целиот свет и бараат можности за тоа. Но, она што е поважно е да се напише силна книга – книга што не ја губи својата моќ кога ја чита читател од различна култура, знаење и животен стандард.

Насловот што во моментов стои на масичката до вашиот кревет е…?

-„666“ од норвешкиот писател Том Егеланд, најпродаваниот ми автор. Секако, веќе ја прочитав на компјутер, бидејќи ја уредував. Но, сега сум среќен што ја гледам во печатена форма бидејќи тоа навистина е добра книга.

МИА

Фото: Стефан Тотев