На денешната седница во Собранието за Предлог-буџетот за 2026 година се обрати пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски кој на самиот почеток истакна дека Предлог-буџетот за 2026 година опфаќа политика на раст, фискална консолидација и вложување во развојни проекти како и дека со овој Предлог-буџет се покажува дека Македонија ќе стане држава која произведува, гради, инвестира, и привлекува капитал.

„Овој буџет е крвна слика на економската политика што ја води оваа Влада а тоа е политика на раст, политика на фискална консолидација и политика во вложување на човекот и развојните проекти. Ова е буџет кој покажува што сакаме да стане Македонија а тоа е држава којашто произведува, која гради, која инвестира, која привлекува капитал, држава којашто го намалува дефицитот и долгот преку раст и дисциплина, а не преку нови сметки на грбот на граѓаните“, рече Стојаноски.

Стојаноски посочи дека со овој Предлог-буџет се очекува просечната нето плата да порасне над 6,5% а бројот на вработени да се зголеми за 1,6% со што невработеноста би се намалила на 10%.

„Се очекува просечната нето плата да порасне над 6,5%, а бројот на вработени да се зголеми за 1,6%, со што невработеноста треба да се спушти на околу 10%. Вкупните приходи во државната каса за 2026 година се планирани на околу 374,9 милијарди денари, а вкупните расходи на 414,2 милијарди денари. Тоа значи буџетски дефицит од 39,2 милијарди денари, или 3,5% на БДП, што е пониско од 2025 година, кога изнесуваше 4% и 41,3 милијарди денари. Даночните приходи и придонесите заедно достигнуваат 335,9 милијарди денари, што е 16,7 милијарди повеќе раст од околу 5,3% во однос на ребалансот 2025“, рече Стојаноски и додаде:

„Разликата од минатото е во следново, тогаш се задолжуваа за да преживеат месец за месец, денес задолжувањето е планирано, со јасни цели отплата на стари скапи долгови и финансирање капитални проекти. За 2026 година се планирани 52,6 милијарди денари за плати или зголемување од 3,6 милијарди денари, односно 7,5% во однос на ребалансот. Тоа значи повисоки плати за наставниците за професорите, за здравствените работници, за полициските службеници, и за работниците во оваа држава“.

На крај Стојаноски објасни дека трансферите кон општините би се зголемиле на 36 милијарди денари, социјалните трансфери и пензии за 13 милијарди денари со што пензиите за 9,7%.

„Трансферите кон општините се зголемуваат на 36 милијарди денари, или 7,4% повеќе од ребалансот, социјални трансфери и пензии се зголемуваат за 13 милијарди денари, и тоа пензиите за 10 милијарди денари односно 9,7%. Кога ќе го погледнеме буџетот за 2026 година бројка по бројка, ставка по ставка, сликата е јасна има реални приходи, контролирани расходи, дефицит што се намалува, високи капитални инвестиции, раст на плати и пензии, силна поддршка за општините“, дециден е Стојаноски.