Денешната вечера што високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас ја организира во Брисел за шефовите на дипломатиите на шесте земји кандидати и потенцијални кандидати за членство од Западниот Балкан, меѓу кои и македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, има за цел да ја реафирмира посветеноста на Унијата кон регионот, потврдувајќи дека проширувањето останува најважниот геополитички проект за стабилност и безбедност на нашиот континент, изјави за МИА официјален претставник на ЕУ.

– Ќе се фокусираме на тоа како ЕУ може да ја зајакне веќе солидната соработка со партнерите од Западниот Балкан за справување со глобалните и регионалните предизвици, вклучително и потребата од навремена и сеопфатна помош за Украина, додаде претставникот на ЕУ.

Според него, ЕУ идентификува дополнителни практични чекори за зајакнување на соработката во иднина на мултилатерални форуми и во безбедносната сфера, вклучително и преку заеднички напори за борба против странското манипулирање со информации и мешање и други хибридни закани, подобрување на капацитетите за кибер безбедност и зајакнување на усогласеноста со надворешната и безбедносната политика на ЕУ.

Вечерата се одржува во пресрет на утрешниот Совет за надворешни работи на ЕУ, на кој, според најавите од Атина, ќе биде презентирана грчка иницијатива за европската перспектива на земјите од Западен Балкан. Целта на оваа иницијатива е реафирмација на грчката позиција за поддршка на европската перспектива на земјите од регионот и за „забрзување на патот на Западниот Балкан кон европското семејство“.