Министерот за одбрана Владо Мисајловски во интервју за „Став региона“ на телевизија Њузмакс Балкан изјави дека Република Македонија влегува во период на најинтензивна модернизација на Армијата од осамостојувањето.

Како што нагласи министерот Мисајловски, земјата ги исполнува своите обврски кон НАТО и забрзано инвестира во опрема и инфраструктура.

Мисајловски потврди дека новиот буџет носи значително зголемување на средствата за Армијата.

„Следната година го зголемуваме буџетот за околу 1,7 милијарди денари. Тоа е раст од повеќе од осум проценти, што ќе ни овозможи да ја забрзаме модернизацијата“, рече тој.

Додаде дека на последниот министерски состанок во Брисел се разговарало за зголемување на одбранбените трошоци на НАТО-членките.

„Сите членки инвестираат повеќе, затоа што безбедносните ризици се најголеми во последните неколку децении“, нагласи министерот Мисајловски.

Хеликоптери и нова опрема пристигнуваат во 2026 година

Министерот потврди дека се очекува да пристигне повеќе видови воена опрема.

„Хеликоптерите треба да пристигнат следната година, согласно роковите на испорака“, изјави тој.

Додаде дека Република Македонија набавува опрема од повеќе партнерски држави.

„Имаме набавки од САД, Италија, Турција и Франција. Тоа се лесни и тешки оклопни возила, но и други видови воена технологија“, истакна Мисајловски.

За турските хаубици рече дека се во завршна фаза на испорака.

„Хаубиците што ги нарачавме од Турција се при крај со испораката. Тоа е опрема што значително ќе ги зајакне нашите артилериски капацитети“, нагласи Мисајловски.

Очекуваме 50 милиони евра од ЕУ фондот

Мисајловски потврди дека земјата ќе добие финансиска поддршка од Европскиот мировен фонд.

„Околу 50 милиони евра ќе ги искористиме за купување нова опрема. Тоа е голема помош за мала држава како нашата“, рече министерот.

Инфраструктура: По 30 години започнуваме целосна реконструкција на Домот на Армијата

Министерството планира големи инфраструктурни зафати во сите касарни и воени објекти.

„Домот на Армијата ќе го реконструираме целосно. Тоа не е направено три децении, а објектот е од големо значење“, изјави Мисајловски.

Тој најави и други проекти.

„Следува обнова на хотелот на Попова Шапка, како и подобрување на условите во сите подружници. Армијата мора да има современи капацитети“, истакна тој.

Една милијарда денари за пожарникарите во општините

Министерот откри дека Владата обезбедила сериозен пакет средства за локалната самоуправа.

„Една милијарда денари ќе бидат издвоени за платите на пожарникарите. Ова е најголемото зголемување на средствата досега и директно ќе им помогне на општините“, истакна Мисајловски.

Армијата работи дисциплинирано, без забелешки од ревизија

Мисајловски нагласи дека Министерството за одбрана е меѓу најтранспарентните институции.

„Немаме ниту една забелешка од државната ревизија, а министерството е прогласено за најтранспарентно во државата“, рече тој.

Исто така порача дека Северна Македонија останува целосно посветена на мисиите на сојузниците.

„Ќе учествуваме во сите мисии и следната година. Тоа е наш приоритет како членка на НАТО“, заклучи Мисајловски.