Градењето доверба и социјална кохезија е од суштинско значење за мирен соживот, особено во општествата каде што малцинските групи долго време се маргинализирани. Албанија е земја со богата културна разновидност, а македонското малцинство е составен дел од оваа разновидност со векови, рече Васил Стерјовски, лидер на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) во обраќањето на вториот ден од Форумот за малцинствата при Обединетите нации, што се одржува во Женева.

– За жал, структурните предизвици остануваат. Ограничениот пристап до образование на македонски јазик, несоодветната застапеност, недоволната медиумска видливост и недоволните државни инвестиции во регионите каде што живеат Македонците продолжуваат да ја попречуваат еднаквоста. Кажав дека во области како што се Преспа, Гора и Голо Брдо, несоодветната инфраструктура, ограничените јавни услуги и недостатокот на економски можности го продлабочуваат чувството на исклученост и ја слабеат довербата во институциите, изјави Стерјовски за МИА.

Посочил дека една од најсериозните пречки за кохезија е надворешниот притисок, особено од Бугарија, која користејќи ги политичките предности од членството во Европската Унија, постојано инсистира дека македонскиот идентитет во Албанија не постои, обидувајќи се да наметне политики за асимилација.

– Со условување на интеграцијата на Албанија во ЕУ со негирање или редефинирање на македонскиот идентитет, ваквите дејствија создаваат меѓугрупна недоверба, ја загрозуваат социјалната кохезија и ги поткопуваат правата на признатото автохтоно македонско малцинство. Оваа политизација на идентитетот ги крши меѓународните принципи за човекови права и ризикува нормализирање на дискриминацијата, нагласил Стерјовски.

За да се изгради мирен соживот, оценил, државите мора да гарантираат заштита без политичко мешање, а од суштинско значење се стратегиите засновани на заедницата, како што се меѓукултурниот дијалог, повеќејазичното образование, инвестициите во малцинските региони и еднаквиот пристап до културното изразување.

– Зајакнувањето на медиумите за малцинствата, обезбедувањето целосно образование на малцинските јазици и промовирањето на соработката меѓу малцинствата можат да ја негуваат довербата и да ја урнат стигмата. Албанија има можност да биде позитивен пример во регионот преку одбрана на правата на малцинствата врз основа на универзални вредности, а не на надворешен политички притисок. Заштитата на малцинствата не е отстапка – таа е основа на одржлив мир и демократија, порачал Стерјовски на крајот од обраќањето.

Тој имаше обраќање и на отворањето на форумот оценувајќи дека на „Форумот за малцинствата при ОН се слушна гласот на Македонците од Албанија со гордост и непоколебливост“.

Фото: МАЕИ