Јованка КЕПЕСКА

Се чини дека има обид да се oдржат состојбите status quo  во различните сегменти во општеството, во стопанството, во правните инстанци и асоцијации, во институциите од различна дејност, во медиумите и во центрите што извршуваат дејности од општествената свест, на различни начини со преземање на активности или со опструкции во однос на промените. Опстојувањето врз затекнатата состојба, пружајќи отпор таквата да се надмине, преку оправдување за постоечкото. Севтупно, немајќи сили да се осмисли напредокот. Пројавено и на политички начин. Како процес кој е историски необјективен иако дејствијата кои се преземаат, секако, го успоруваат напредокот.

Ваквата состојба на свеста која произлегува, во крајна линија, и од ненадминатиот начинот на производство, како и самиот начин на производсто  потребно е да се разрешат за да се создадат основите на новата и економска и општествена фаза во која навлегуваме како во иднина.

Токму како облик на затворено општество претставува и општеството на индустријализацијата што го изминавме во социјалистичкиот период како фаза на ограничени економски ресурси и специфична социјална подвоеност. Подвоеното општество притоа проицираше свест како за севкупна општествена свест. Во која се создаваше свест (односно идеологија) што несоответствуваше со стварноста.

Такашто, во нашето општество, покрај аномијата – отсуството на создадени нови вредности, опстојува и антиинтелектуализам. Таквото однесување, можеби, се создаде како заситеност од схоластичното, догматизираното мислење карактеристично за минатото. Но антиинтелектуализмот е и состојбата која произлегува и од степенот  на економската развиеност и претпоставеноста во самата технологија, како и од сопственичката структура, кога се создава свест со специфични определби;  кога владее морал кој ги држи луѓето неприемчиви кон надворешното, кон новото и осознаеното; и не појдува од начелото дека границата на слободата на единката ја има во границата на незагрозување на слободата на другиот. Како основа и за севкупната организација и дејности во општеството, искажана во јавниот живот, во дискурсот, во медиумите.

(Нео)либерализмот, од своја страна, иако го постави индивидуализмот, го дефинира економски и правно, не го постави и прашањето на индивидуалноста, како основна одлика на новата технолошка фаза.

Онака како што филозофски е претпоставено дека правецот на развојот води кон создавање на личности, на индивидуалности. Процес кој е означен како собирање на сето во техне, како technelegein: осознаеноста (logos) на стварноста и творештво, кое се про-изведува соответно форма според стварноста.

Сознанието мора непосредно да се однесува кон стварноста. Поединецот во дејствувањето, при про-изведувањето, го применува сето знаење филозофско, научно и политичко. Односно дека при про-изведување, како кај Мартин Хајдегер, во кое, освен творецот (човекот), орадието, учествува и самата стварност (предметот), физичкото и, не као атак врз природата туку како помирување со неа, како според Херберт Маркузе.

Оттука произлегуваат заклучоците дека во новата технолошка фаза не се отфрла знаењето ниту во неговата теоретска, ниту во неговата филозофска, форма,  иако во времето во кое живееме, таквите сознанија стануваат преточени во одделните науки (според Мартин Хајдегер – основните).

Ваквите пристапи со оглед на карактеристиките на настапувачката фаза се потврдуваат во развојот на Сингапур. На таков начин се разви Јапонија. Како што, денес, и Кина и, се чини, и цела Азија.

Во нашата стварност, пак, присутните застарени економски процеси, формирајќи состојби на ограничувачка свест, го оневозможуваат развојот.

Било да е како пристап кон општествената организација или како произвоствен процес со бирократско административен приод, не создавајќи                                        интелектуален пристап туку пројавувајќи воопшто испразнет говор, било како неолиберален пристап кој човекот го сведува само врз гол економски интерес, кој не ја штити неговата индивидуалност и природата, затоа не можат да бидат водилката за нашиот развој. А таквите претензии во активности или во дискурс мораат продуктивно да се надминуваат. Инаку чуму интелектуално делување?