Ноќеска и рано изутринава полицијата спроведе акција на повеќе локации низ државата, при што се приведени повеќе од десет лица. Меѓу нив има и поранешен директор, лице кое во минатото било високо етаблирано во структури поврзани со ДУИ. Станува збор за Бујар Дарлишта, поранешен директор на Управата за водење на матични книги.

Акцијата започнала во текот на ноќта меѓу 17 и 18 декември 2025 година од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при БЈБ – МВР, во координација и под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Според досегашните информации, станува збор за сузбивање на организирана криминална група осомничена за кривични дела од областа на корупцијата и економскиот криминал.

По претходно обезбедени судски наредби, извршени се претреси на повеќе локации во Скопје и во Куманово. Неофицијално, при претресите до сега се пронајдени и одземени пари во различни валути, мобилни телефони, лаптопи, хард дискови, како и финансиска и друга релевантна документација.

Во моментот, според неофицијални информации, во тек се претреси и во два правни субјекти на подрачјето на Скопје и на Куманово. Повеќе детали од полицијата се очекуваат во текот на денот.