Кирил МИНОСКИ
(авторот е екс министер за финансии, колумната е преземена од неговиот јавен ФБ профил)
Економија на страв е економски и социјален систем во кој стравот, нестабилноста, корупцијата и непредвидливите правила го определуваат однесувањето на граѓаните и учесниците на пазарот.
Зачетоците на економијата на страв кај нас се јавуваат во транзицијата, кога преку ноќ се создаде армија од стотици илјади невработени, а мал дел од тогашниот естаблишмент се стекна со огромен капитал. Суштината на концептот на економијата на страв е уцената: сите чинители во општеството се плашат од нешто, и токму затоа системот опстојува.
Главни групи чинители:
• Олигарсите и оние кои капиталот го стекнале на нечесен начин се плашат дека украденото може да им биде одземено. Затоа се блиски до политиката и инвестираат во влијание, а не во продуктивност.
• Осиромашениот народ живее во страв за егзистенција. За работа во државниот и приватниот сектор е принуден да трпи уцена.
• Малиот и средниот бизнис се плашат од инспекциски контроли. Не затоа што не сакаат правила, туку затоа што произволна контрола може да значи казна, затворање или уцена. Инспекцијата и државниот апарат се користат како алатки за дисциплинирање.
Економијата на страв само формално е пазарна економија. Во суштина, таа создава коруптивен и недемократски модел, во кој улогите често се менуваат: оние на врвот на пирамидата циклично стануваат жртви, а моќта се префрла.
Последиците на „економијата на стравот“ се:
• нема развој за сите, туку раслоено општество: мал број многу богати и маса што преживува
• нема здраво претприемништво и инвестиции со долгорочна визија
• нема слободни граѓани
• нема вистинска демократија туку симулација
• демографски егзодус
• државен апарат кој е скап, моќен и присутен насекаде – но слаб таму каде што е најпотребен: во создавање услови за развој, предвидливост и правичност
Економијата на страв е маѓепсан круг во кој сите стануваат жртви, слободата се загушува, а иднината на нашите деца е загрозена.
Борбата со стравот е, во суштина, борба за слобода. Како што вели Јане Сандански:
„Робот се бори за слобода, а слободниот за совршенство.“





