Братислав ДИМИТРОВ за МИА
Во животот има многу настани што нудат поволни услови човек да испадне глуп и смешен, но јас ѝ давам предност на Новата година. Некако ја свикнав. Ко ѕиври во чорапи, лиени бандажи на „југо” и хаику поезија. Ја свикнав ко Беатриче во сонетен венец и домаќинка во кецела. Дали Новата година ме свикнала мене? „Навиката е втората природа која ја уништува првата”, напишал фолозофот Блез, со безобразна маалска рима за неговото презиме Паскал.
Строгата диета е кулинарски фашизам. Затоа имам голема почит кон овој празник. Особено кон печено свинско, одлежани сарми, руска салата и сите видови баклави, татлии, аравании, башка трилече. За пиво, вино и ракија, не арчам комплименти. Едноставно, уживам во класични вредности. Овдешниве дипломирани интелектуалци што се ашкаат по сите медиуми, постојано мозгаат за теоретскиот дел. Во пракса, обичните смртници го користат старомодниот термин „среќа“. Не знам како се снаоѓате вие, но многумина пред Новата година се среќни, само заради фактот дека не се прасе. Цинично, а? Знам. Ми се испушти. Не ми е ни мене лесно. Со децении пишувам на оваа иста аргатска тема.
Значи Нова година, а? Добро.
Вчера купив повратен билет. До каде? До овде. Тука ќе ја чекам Новата година. Ја донесов оваа патриотска одлука, од чисто практични причини. Чешиново и Облешево ми се далеку, а во Виена нема слободни места. Зафатени се со наши весељаци. Дечките одамна се извежбаа. Наместо тука да запоти мишка на пајдушко оро, таму ќе гужва лакована ципела на бечки валцер. Наместо тука да се лигави со секоја џукела на полноќ, таму дискретно ќе климне со тимбата и тоа ќе се смета за регуларно честитање на Новата година.
Беше Снежник (декември) 1958 година. Ние бевме копињаци а Новата година се славеше исклучиво дома. Се собиравме кај роднини и пријатели. Телевизија немаше, а радио имаа само… ај да не мешам политика. Старите седеа околу масата, пиеја, мезеа и пееја. Раскажуваа и по некој виц, ама тоа траеше кратко. Во комунизмот имаше три вица во две варијанти. За политика скоро воопшто не се дискутираше заради фактот дека „сите бевме на власт”, а понешто и заради законот за вербален деликт. Затоа домаќинот набргу вадеше шпил карти и главната забава почнуваше. Играа комар „на купчиња” до раните утрински часови, со мал прекин во 24 часот за честитање. Ние децата се шуткавме низ станот, куќата и дворот. Игравме жмурка, брканица, фота, долга магарица и бззз….
Во тоа време во нашето маало се случи една неверојатна приказна. Маж без машна и жена без ташна, не одат. Ракија без мезе и текст без вовед, такуѓаре. Кучето важеше за најверен пријател на човекот, само затоа што без збор го трпи бедното присуство на својот газда. Во случајот на Пеце, ова правило беше исклучок. Тој му беше најдобар пријател на своето куче, што не може да се каже и за другата страна. Кучето се викаше Џони и не заслужува опширен опис. Беше најобична улична џукела. Навечер ги разнесуваше низ цело маало обувките што ги земаше од пред праговите на куќите. Сабајлето се собираа сите на улица и гласно разменуваа лева цокула за десна папуча, десна чизма за лева топлинка… Откако ќе ги спареа некако своите обувки, влегуваа дома пцуејќи го кучето, газдата и неговите најблиски.
Кога еден ден некому му здосадило цел живот да трага по својата апостолка, ја применил следната проверена постапка. Закачил на сиџим неколку празни конзерви а потоа го врзал за опашот на Џони. Тој што ја знае оваа педагошка мерка, не се сомнева во нејзината ефикасност. Конзервите тропаат и удираат по кучето кое без прекин испаничено трча на сите страни, сѐ додека не клапне од замор. Далеку е од местото на настанот и нема воља да се врати. Иако во тоа време сѐ уште не беа измислени невладини организации за заштита на животни, газдата искрено жалеше за своето кутре.
Еден ден Пеце трогателно се поздрави со својата женичка и двете дечиња и отиде на печалба во Либија. Од таму редовно праќаше пари, но нередовно доаѓаше дома. Таа негова нередовност ја зближи неговата женичка со неговиот најдобар другар Ганза. Резултат од таа нивна фина дружба беше големиот стомак од кој по 9 месеци излезе бебе. Го крстија Пеце, како знак на нивна „мала пажња” кон нашиот Пеце. Еден ден и оргиналниот Пеце се врати дома. Математиката беше сурова. Од жена и две деца (после плус едно дете) најдобар другар и куче, остана сам во својата куќа. Страдаше по сите вертикали и хоризонтали. Вистински ужас ако се земе предвид фактот дека во тоа време курварлакот не беше масовна (и модерна) појава, каква што е денес.
Таа Нова година го повикаа Пеце на гости за да не биде сам. Тоа беше фатална грешка бидејќи подоцна зоологијата откри дека со луѓе осаменоста е уште поголема. Почнува славењето на Новата година и Ганцо го прашува што ќе се напие а Пеце побара чаша вињак и заедно со неа потона во длабока тишина. Некаде пред полноќ Пеце прв пат прозборе: „Бутни уште малку од тоа вињакот”. Ако. Ганцо ја наполни неговата чаша до самиот врв.
Неколку капки вињак како солзи се тркалаа по лицето на чашата. Долго ја гледаше. Како давеник сламка. Останува мистерија како успеваше во себе да ги помири паничната желба и совршената бавност. Надвор ветрот пискаше по околните керамиди, тараби и дворови. Срцето на Пеце зачука како црковна камбана. Точно на полноќ тој се помрдна и чашата се изгуби во неговата дланка. Ја подигна раката и погледна високо угоре, во правец за кој сметаше дека се наоѓа рајот. Нешто прошепоти и ја испи пополека на екс. „Добра ноќ“, рече кратко и излезе надвор пробивајќи се бавно низ ноќниот катран.
Патем седнал во некој двор до еден снешко малку да одмори. Се размуабетил со него и ништо не забележал. Таа ноќ најголемата виулица се истурила врз нашето маало. Студот ги зарил забите до срцето на каменот. Сабајле едвај откриле кој од двете снежни фигури е вистинскиот Снешко, а кој е Пеце. После погребот уште 40 дена сите во нашето маало офкаа од тешката главоболка и не им помагаше никаков иљач. Никој не успеа да заспие. Си поставувавме безброј прашања, но само на едно добивме одговор.
Зошто слоновите се големи, сиви и збрчкани? За да се разликуваат од аспиринот.




