Хронологија на настани во светот кои ја одбележаа 2025 година:
1 јануари
– Бугарија и Романија се приклучија кон Шенген зоната;
– Ветеран на новогодишната ноќ во Њу Орлеанс со возило влета во насобраниот народ, при што загинаа 14 луѓе, а десетици беа повредени. Возачот загина во престрелка со полицијата;
– Лихтенштајн стана 37-та земја што ги легализира истополовите бракови;
7 јануари
– Земјотрес со интензитет од 7,1 степени го погоди Тибет, во близина на светиот град Шигаце, при што загинаа околу 126 лица. Земјотресот предизвика штета и во Непал, Кина и Индија;
– Екстремните ветрови во Санта Ана предизвикаа шумски пожари низ Лос Анџелес, вклучително и во Палисејдс, Итон и Херст, при што загинаа 29 луѓе. Поради пожарите беа евакуирани 200.000 лица, а изгореа 18189 згради, а во елитните реони Пацифик Пакисадес и Малиби уништени се 6.800 домови. Од поќарот беа зафатени 233 квадратни километри. Економската штета се проценува од 76 до 131 милијарда долари;
9 јануари
– Армискиот генерал Џозеф Аун е избран за претседател на Либан, по 12. Гласање во Парламентот откако заврши мандатот на Мишел Аун во октомври 2022 година;
15 јануари
– Израел и Хамас со посредство на САД, Египет и Катар постигнаа Договор за прекин на огнот во Појасот Газа. Договорот, што стапи во сила четири дена подоцна, предвидува три фази. Во првата фаза, што треба да трае шест недели, предвиден е целосен прекин на огнот и повлекување на израелските сили од сите населени подрачја на Појасот Газа, постепено ослободување на 33 израелски заложници во замена за речиси 1.900 палестински затвореници. Втората фаза би вклучувала размена на сите преостанати живи заложници и целосно израелско повлекување од Газа. А, третата фаза е за реконструкција на Појасот Газа;
– Лидерот на партијата Фрелимо, Даниел Чапо положи заклетва како претседател на Мозамбик;
– Суспендираниот претседател на Јужна Кореја, Јун Сук – јоел е уапсен под обвинение за бунт и прогласување на воена состојба;
19 јануари
– ТикТок престана да работи во САД кратко пред стапувањето во сила на федералната забрана за апликацијата;
20 јануари
– Доналд Трамп втор пат положи заклетва и е инаугуриран како 47 претседател на САД, а за 50-ти заменик-претседател беше инаугуриран Џеј Ди Венс;
21 јануари
– Во пожар што изби во хоте во ски-центарот Балу, северозападна Турција, загинаа 79 луѓе, а 51 лице беа повредени;
23 јануари
– Тајланд стана 38-та земја и прва во Југоисточна Азија што ги легализираше истополовите бракови;
29 јануари
– Патнички авион на Американ ерлајнс со 64 лица се урна во реката Потомак во Вашингтон, откако се судри со воен хеликоптер над главниот град на САД, во близина на аеродромот Роналд Реган;
30 јануари
– Франција ја затвори својата последна воена база во Чад, два месеци откако поранешната француска колонија го раскина договорот за одбранбена соработка;
– Првпат беа активирани глобалните процедури за планетарна одбрана откако беше утврдено дека астероидот 2024 YR4 од 100 метри има 1,3 процени шанса да ја погоди Земјата во 2032 година;
1 февруари
– Американскиот претседател Доналд Трамп објави царини од 25% за Канада и Мексико и царини од 10% за Кина. Канадскиот премиер Џастин Трудо најавува одмазднички тарифи од 25% за американска стока во вредност од 106,6 милијарди долари;
4 февруари
– Администрацијата за храна и лекови на САД го одобри првото клиничко испитување за трансфер на генетски модифицирани свински бубрези во луѓе;
7 февруари
– На грчкиот остров Санторини е прогласена вонредна состојба поради серијата земјотреси што почнаа на 27 јануари;
10 февруари
– Најмалку 55 луѓе загинаа откако автобус во Гватемала Сити падна од мост;
15 февруари
– Најмалку 42 лица загинаа откако се урна рудник за злато во Мали;
– Американските сојузни држави Кентаки, Западна Вирџинија и Тенеси беа погодени од силна зимска бура, што донесе ниски температури и поплави, при што загинаа 21 лице;
18 февруари
– САД и Русија одржува разговори во Ријад, Саудиска Арабија, за војната во Украина, без претставник од Украина;
23 февруари
– Христијанско-демократска унија (ЦДУ) на Фридрих Мерц победи на парламентарните избори во Германија. Тој на 6 мај, во втор обид е избран во Парламентот за канцелар;
28 февруари
– Средбата на американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот украински колега Володимир Зеленски во Белата куќа е прекината по расправија пред новинарите;
2 март
– Речиси целосен прекин на електричната енергија во Чиле, поради дефект на далновод, остави осум милиони домаќинства без електрична енергија;
4 март
– Стапија во сила американските царини од 25 проценти за Мексико и Канада, заедно со зголемување на царините за кинески стоки на 20 отсто;
8 март
– Повеќе од 1.000 луѓе, вклучувајќи најмалку 700 цивили, се убиени во судири меѓу сириските безбедносни сили и сили лојални на поранешниот претседател Башар ал Асад во покраината Латакија;
9 март
– Марк Карни е избран за лидер на Либералната партија на Канада за да го замени Џастин Трудо;
11 март
– Во Манила е уапсен поранешниот филипински претседател Родриго Дутерте по потерница распишана од Меѓународниот кривичен суд. Тој е обвинет злосторства против човештвото во неговата „војна против дрогата;
_ Ослободителната армија на Белуџистан го киднапира возот кој сообраќаше на релација Квета – Пешавар при што загинаа над 50 луѓе;
14 март
– Марк Карни положи заклетва како нов премиер на Канада;
15 март
– Голем антивладин митинг се одржа во главниот град на Србија, Белград во организација на студентите. Протестот беше одржан поради пад на настрешницата на железничката станица во Нови Сад;
– САД почнаа воздушни напади врз областите во Јемен контролирани од Хутите, при што загинаа најмалку 53 лица. Милицијата соопшти дека ќе продолжи со нападите врз израелските бродови;
18 март
– Израел почна воздушни напади врз Појасот Газа, при што загинаа најмалку 404 лица, а 562 беа повредени, со што пропадна договорот за прекин на огнот постигнат во јануари;
21 март
Поради избивање на пожар во трафостаница во близина на лондонскиот аеродром Хитроу беа суспендирани 1.300 летови, со што беа прекинати повеќе од 270.000 патнички патувања;
28 март
– Земјотрес со интензитет од 7,7 степени, проследен со последователен потрес од 6,4 степени го погоди централниот дел на Мјанмар, предизвикувајќи катастрофални штети низ Југоисточна Азија, при што загинаа повеќе од 4.400 луѓе, а најмалку 7.000 повредени;
31 март
– Француската ултрадесничарска лидерка Марин Ле Пен е прогласена за виновна за проневера на средства од ЕУ, со што ѝ е забрането да се занимава со политика пет години;
1 април
– Сенаторот Кори Букер од Њу Џерси го одржа најдолгиот говор во историјата на Сенатот на САД, зборувајќи нешто повеќе од 25 часа, соборувајќи го претходниот рекорд на Стром Термонд поставен во 1957 година;
2 април
– Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека ќе воведе царини од 10 отсто за целиот увоз во САД;
3 април
– Унгарија се повлече од Меѓународниот кривичен суд откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој се бара по потерница од Судот, пристигна во државна посета во Будимпешта;
5 април
– Главниот град на Демократска Република Конг, Киншаса е погоден од поплави, при што загинаа 33 лица;
8 април
– Најмалку 221 човек загинаа при уривање на покрив на ноќен клуб во главниот град на Доминиканска Република, Санто Доминго;
Април 9
– Американскиот претседател Доналд Трамп објави привремено суспендирање на глобалните царини од 90 дена, но царините за Кина остануваат;
11 април
– Кина ги зголеми царините за САД на 125 проценти како одмазда против исклучувањето на Кина од 90-дневната пауза за царини и зголемувањето на кинеските царини на 145 отсто:
13 април
– Најмалку 34 луѓе загинаа, а над сто беа повредени во рускиот ракетен напад врз украинскиот град Суми;
15 април
– Пожар го зафати моторизиран дрвен чамец преврте во реката Конго во близина на градот Мбандака при што загинаа 148 луѓе;
– Централен и јужен Ирак се погоден од песочна бура поради што најмалку 3.700 луѓе беа хоспитализирани со тешкотии во дишењето;
16 април
– Американската морнарица изврши ракетни напади врз цели на Хутите во Јемен, при што загинаа најмалку 31 лице и беа повредени уште 101 луѓе;
21 април
– Почина поглаварот на Римокатоличката црква папата Франциск;
28 април
– Илјадници домаќинства, аеродроми, болници и јавниот транспорт останаа без електрична енергија во Шпанија, Португалија, Андора и Франција. Прекинот во електроснабдувањето беше предизвикан од дефеткт во меѓусекторска врска помеѓу Франција и Шпанија;
2 мај
– Брод со хуманитарна помош за Појасот Газа беше погоден од дрон и се запали во близина на брегот на Малта
3 мај
– Лабуристичката партија победи на парламентарните избори во Австралија, со што Ентони Албанезе е реизбран за премиер;
– Партијата за граѓанска акција предводена од Лоренс Вонг победи на општите избори во Сингапур;
4 мај
– Претседателот на САД, Доналд Трамп воведе 100 проценти царини за странски филмови;
7 мај
– Индија изврши воздушни напади врз повеќе локации во Пакистан, при што загинаа најмалку осум лица; Пакистан нападите ги оцени како воен акт, прогласи вонредна состојба и презеде одмазднички напади врз Индија, при што загинаа три лица. По четиридневните меѓусебни напади, двете нуклеарни сили прогласија прекин на огнот и победа;
8 мај
– Кардиналот Роберт Превост (69) е избран за 267 папа, кој го зеде името Лав XIV. Тој е првиот поглавар на Римокатоличката црква од САД. Инаугурациска миса беше одржана на 18 мај на плоштадот Свети Петар во Ватикан;
16 мај
– Во налет на торнадо врз американски сојузни држави Кентаки и Мисури загинаа 27 луѓе;
18 мај
– Градоначалник на Букурешт и поранешен професор по математика Никушор Дан победи на претседателските избори во Романија;
– Русија ја нападна Украина со 273 беспилотни летала;
28 мај
– Поранешниот претседател на Албанија, Илир Мета е обвинет за корупција, перење пари и даночно затајување;
29 мај
– Канадските провинции Манитоба и Саскачеван прогласија вонредна состојба поради 160 пожари во кои изгореа најмалку 1,56 милиони хектари, а беа евакуирани повеќе од 18.000 луѓе;
1 јуни
– Бродот „Мадлин“ со хуманитарна помош за Појасот Газа исплови од Сицилија. На бродот беше и шведската активистка Грета Тунберг, пратеничката во Европскиот парламент Рима Хасан и 10 други волонтери. Бродот беше запленет, а патниците беа приведени од израелските власти на 9 јуни. Тоа беше втор обид на организацијата „Флота на слободата“ да го испрати брод со хуманитарна помош во Појасот Газа;
– Украинската безбедносна служба ја почна операцијата „Пајажина“ при што лансира над 100 дронови врз руските воени аеродроми;
– На претседателските избори во Полска победи десничарот Карл Навроцки;
3 јуни
– Ли Џае-мјунг од Демократската партија победи на предвремените претседателски избори во Јужна Кореја;
4 јуни
– Технолошката компанија „Гугл“ (Google) потпиша договор со Чиле за изградба на првиот подморски фибер-оптички кабел што ги поврзува Јужна Америка и Австралија;
– Виетнам формално ја суспендира политиката на две деца, што беше во сила од 2009 година, поради рекордно ниските стапки на наталитет;
7 јуни
– Претседателот на САД, Доналд Трамп, нареди распоредување на 2.000 војници на Националната гарда во јужна Калифорнија за да ги смири протестите против акциите на Службата за имиграција и царина (ИЦЕ) во и околу Лос Анџелес;
9 јуни
– Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет распореди 700 американски маринци за да ги заштитат трупите на Националната гарда во јужна Калифорнија, кои беа испратени да ги задушат протестите против акциите на Службата за имиграција и царина (ИЦЕ) во и околу Лос Анџелес;
12 јуни
– Авион на „Ер Индија“ со 232 патници и 12-член екипаж се урна кратко по полетувањето од аеродромот во Ахмедабад за Лондон. Авионот се урна врз објект на Медицинскиот колеџ и Цивилната болница во Ахмедабад. Најмалку 19 лица загинаа на земја. Еден патник ја преживеа несреќата;
13 јуни
– Израел ја почна операцијата „Разбудениот лав“ и нападна десетици цели во Иран, меѓу кои нуклеарни објекти, воени локации и приватни резиденции, убивајќи високи воени команданти и и шест нуклеарни физичари во обид да ги елиминира нуклеарните амбиции на Иран. Техеран возврати со одмазднички ракетни и напади со беспилотни летала врз Израел. Конфликтот ескалира во 12-дневна војна, при што Техеран тврди дека загинале 935 луѓе, а во Израел загинале 28 лица;
14 јуни
– Во 50-те американски сојузни држави се одржаа протести „Без кралеви“ поради одржувањето на воена парада во Вашингтон;
15 јуни
– Од 100.000 до 150.000 луѓе маршираа во главниот град на Холандија, Хаг, барајќи од Владата да преземе акција против израелската воена кампања во Појасот Газа;
16 јуни
– Во Кананаскис, Канада почна 51-от Самит на Г7;
17 јуни
– Најмалку 59 Палестинци во Газа загинаа откако израелските тенкови отворија оган врз насобраниот народ кој чекаше хуманитарна помош;
18 јуни
– Нов Зеланд го суспендира финансирање на Куковите Острови откако властите склучија договори со Кина во инфраструктурата и во сферата на туризмот и технологијата;
22 јуни
– САД се приклучуваат на израелската офанзива против иранските нуклеарни објекти, напаѓајќи три локации со десетина масивни бомби „разбивачи на бункери“ врз подземните објекти на Фордоу и Натанц, додека ракетите Томахавк го погодија Исфахан. Во операцијата „Полноќен чекан“ беа вклучени 125 авиони и подморници кои лансираа ракети;
23 јуни
– Иран ги ракетираше американските воени бази во Катар и во Ирак;
– Тајландскиот оддел за специјални истраги на туристички брод откри и заплени 2,4 метрички тони метамфетамин во вредност на 90,8 милиони долари. Дрогата била скриена во пченкарно брашно;
24 јуни
– На Самитот на НАТО во Хаг, Холандија сојузниците се обврзаа годишно да издвојуваат пет проценти од бруто домашен производ (БДП) годишно за основни одбранбени потреби, како и за трошоци поврзани со безбедноста и сигурноста;
28 јуни
– Околу 140.000 луѓе учествуваа на антивладиниот протест во Белград;
– Приближно 100.000 луѓе учествуваа на Парадата на гордоста во главниот град на Унгарија, Будимпешта и покрај владината забрана за одржување;
– Британската полиција заплени 2,4 метрички тони кокаин во вредност од 132 милиони долари. Тоа е најголема заплена на дрога во Велика Британија;
1 јули
– Во Франција стапи во сила забраната за пушење на отворено каде има деца. Забраната се однесува на парковите, плажите, јавните градини, автобуските станици, влезови во училишта и спортски објекти. За прекршителите се предвидени парични казни.
3 јули
– Русија е прва држава, која ја призна талибанската влада во Авганистан;
4 јули
– При излевање на реката Гвадалупе во централниот дел на американсата сојузна држава Тексас загинаа 116 луѓе;
6 јули
– Парламентот на Суринам ја избра Џенифеер Гирлингс-Сајмонс за прва жена претседател на државата;
8 јули
– Европскиот парламент и Советот на ЕУ одобрија Бугарија на 1 јануари 2026 година да ја замени националната валута – левот со еврото;
12 јули
– Франција и Нова Каледонија постигнаа договор со кој прекуокеанската територија добива автономија во рамките на Републиката;
14 јули
– Французинката Жизел Пелико ја доби наградата Легија на честа за нејзината храброст да сведочи за нејзината децениска сексуална злоупотреба од страна на нејзиниот сопруг;
16 јули
– Во пожар што изби во отворениот петкатен хипермаркет во ирачкиот град Кут загинаа 61 човек;
– Израелските воздухопловни сили го бомбардираа Генералштабот на сириската армија и областите во близина на претседателската палата во Дамаск поради масакрот на сириските владини сили врз припадници на малцинството Друзи. Во судирите во Свеида загинаа повеќе од 300 луѓе;
17 јули
– Британската Влада соопшти дека се намалува возраста за гласање и на следните општи избори ќе можат да гласаат и лицата со навршени 16 години;
– Врховната рада ја именуваше поранешната министерка за економија и прва заменичка на премиерот Јулија Свириденко за премиерка на Украина;
21 јули
– 28 земји со заедничка изјава повикаа на итен прекин на израелските операции во Појасот Газа и да обезбеди дистрибуција на хуманитарна помош за населението во доволен обем;
26 јуни
– Тајланд гранатираше објекти во пограничната камбоџанска провинција Пурсат, по што почнаа петдневни борби во кои загинаа 43 лица. Поради борбите 140.000 цивили ги напуштија домовите во Тајланд и 38.000 цивили во Камбоџа. Двете кралства од Југоисточна Азија долго време имаат пограничен спор;
27 јули
– Претседателот на САД, Доналд Трамп, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен постигнаа трговски договор. Договорот предвидува единствен царински праг од 15 отсто за повеќето европски стоки увезени во САД (вклучително и автомобили), а ЕУ во замена ќе ги отвора своите пазари за американски производи со нула царини. Исто така ЕУ се обврза да купува американски енергетски ресурси (течен природен гас и нафта) во вредност од 750 милијарди долари и да инвестира 600 милијарди долари во американската економија до 2028 година;
30 јули
– Земјотрес со интензитет од 8,8 степени според Рихтеровата скала е регистриран на рускиот полуостров Камчатка, земјотресот предизвика цунами низ Тихи Океан. Од цунами беа погодени Русија, Јапонија, Канада и делови од брегот на САД. Предупредувања од појава на големи бранови беа издадени Кина, Нов Зеланд, Филипините и други островски земји;
3 август
– Околу 300.000 луѓе маршираа преку мостот Сиднеј Харбор, Австралија, во поддршка на Палестина, повикувајќи на траен прекин на огнот во Појасот Газа;
3 август
– Првпат по 600 години еруптираше вулканот Крашениников на рускиот полуостров Камчатка. Ерупцијата најверојатно беше предизвикана од огромниот земјотрес што на 30-јули го погоди полуостровот;
8 август
– Израелскиот кабинет за безбедност го одобрува планот на премиерот Бенјамин Нетанјаху за целосна воена окупација на Појасот Газа;
12 август
– Американскиот претседател Доналд Трамп распореди најмалку 800 војници на Националната гарда во Вашингтон и прогласи федерална контрола врз полициските сили на Вашингтон;
14 август
– САД на Карибите распоредија воени бродови, носач на авиони, и илјадници маринци на брегот на Јужна Америка како дел од операцијата за борба против наркотероризмот. Во кампањата против наркотероризмот американските сили почнаа напади врз бродови за кои се сомневаат дека пренесуваат дрога. САД во текот на 2025 година изврши околу 30 напади, при што загинаа стотина лица. Венецуела и претседателот Николас Мадуро негираат вмешаност во шверцот на наркотици и тврдат дека операцијата на САД има за цел соборување на актуелниот режим и заземање на венецуелските нафтени полиња;
15 август
– Средба на американскиот и рускиот претседател, Доналд Трамп и Владимир Путин во Анкориџ. Алјаска. Тоа е прва средба на Путин со западен претседател по руската инвазија врз Украина што почна на 24 февруари 2022 година. Тие разговараа за завршувањето на војната во Украина и можна размена на територија за постигнување мир. Три часовната средба зад затворени врати заврши без потпишување на формален договор или објавување на конкретни чекори за прекин на огнот;
– Обилните монсунски дождови предизвикуваат поплави во северен Пакистан, при што загинаа 321 лице;
– Во главниот град на Кина, Пекинг почнаа првите светски игри со хуманоидни роботи на кои учествуваа поовеќе од 500 андроиди од 16 земји, кои се натпреваруваа во фудбал, боречки вештини и танц;
17 август
– Околу 2,5 милиони луѓе учествуваа во протестите низ Израел, а 300.000 луѓе присуствуваат на митингот во Тел Авив, повикувајќи на прекин на огнот и договор за заложници во Појасот Газа;
18 август
– Мариус Борг Хоиби, синот на норвешката принцеза е обвинет за 32 дела, меѓу кои и силување и семејно насилство;
28 август
– Во израелски воздушен напад врз главниот град на Јемен, Сана убиен е самопрогласениот премиер на Хутите, Ахмед ал Рахави.
31 август
– Свлечиште го уништи суданското село Тарасин во планините Мара, при што загинаа најмалку 1000
1 септември
– Земјотрес со интензитет од шест степени сопред Рихтеровата скала го погоди Џалалабад, Авганистан, при што загинаа најмалку 2.200 луѓе;
3 септември
– Фуникуларот „Елевадор да Глорија“ во главниот град на Португалија, Лисабон изуби контрола и удри во ѕид, при што загинаа 16 лица, а 21 се повредени;
4 септември
– Земјотрес со интензитет од 6,2 степени го погоди источен Авганистан. Тоа е трета голема сеизмичка активност за четири дена во Авганистан;
8 септември
– Францускиот премиер Франсоа Бајру го изгуби гласањето за доверба во Националното собрание, што предизвика политичка криза во Франција, бидејќи претседателот Емануел Макрон именуваше петтиот премиер за помалку од две години;
– Протести на генерацијата Зет пред зградата на федералниот парламент во Катманду, Непал, поради забраната за социјалните медиуми, непотизмот и политичката корупција. Протестите ескалираа во насилство при што се запалени повеќе владини згради. Поради тоа премиерот К. П. Шарма Оли на 9 септември поднесе оставка, а армијата постави влада;
9 септември
– По повод 80-годишнината од Генералното собрание на ОН се одржа сесија во Њујорк под мотото „Подобро заедно: 80 години и понатаму за мир, развој и човекови права“. На сесијата учествуваат делегации од сите 193 земји-членки на ОН, кои имаат еднакво право на глас, во согласност со принципот „една држава, еден глас“.
– Израелските воздухопловни сили истрелаа ракети врз станбена област во Доха, Катар, каде претстојуваа високи лидери на Хамас;
10 септември
– Повеќе од десетина руски беспилотни летала го наруишија воздушниот простор на Полска. Авиони на НАТО ги пресретнаа дроновите и некои од нив беа соборени;
– Убиен е десничарскиот политички активист Чарли Кирк додека се обраќаше во кампусот на Универзитетот во Јута. На настанот присуствувале околу 3.000 луѓе;
11 септември
– Врховниот суд на Бразил го осуди на 27 години затвор поранешниот претседател Жаир Болсонаро за планирање на државен удар, со цел да го поништи неговиот пораз на изборите во 2022 година. Покрај Болсонаро осудени се и седум соучесници;
12 септември
– Студентите ја именуваа Сушила Карки за привремена премиерка на Непал. Таа е првата жена во Непал на таа функција;
22 септември
– Аеродромите во Копенхаген, Данска и Осло, Норвешка се привремено затворени поради сомнителни дронови забележани во близина на нивниот воздушен простор. потоа дронови надлетуваа над повеќе европски локации, а за тоа беше обвинета Русија;
25 септември
– Парискиот суд го осуди поранешниот француски претседател Никола Саркози на пет години затвор откако го прогласи за виновен за криминален заговор односно за употреба на средства од Либија за финансирање на неговата кампања во 2007 година;
26 септември
– Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се обраќа на Генералното собрание на ОН, ветувајќи дека ќе „ја заврши работата“ против Хамас во Појасот Газа и ги осуди признавањето на палестинската држава од повеќе земји. Голем број држави го бојкотираат неговиот говор;
1 октомври
– Земјотрес со интензитет од 6,9 степени според Рихтеровата скала ги погоди Филипините, при што загинаа најмалку 72 лица;
8 октомври
– Израел и Хамас се согласија за првата фаза од планот за прекин на огнот поддржан од САД, две години и еден ден по терористичкиот напад на Хамас врз Израел, што ја предизвика војната во палестинската енклава. Планот предвидува размена на преостанатите израелски заложници за палестински затвореници, повлекување на израелските трупи од Појасот Газа и зголемување на хуманитарната помош;
10 октомври
– Конгресот на Перу ја отповика и ја отстрани од функцијата претседателката Дина Болуарте со 122-0 гласови поради нејзиниот неуспех да го спречи раширениот криминал; Марксистичката лидерка од 2022 година имаше седум импичмента;
12 октомври
– Претседателот на Мадагаскар, Андри Раџоелина, ја напушта земјата од страв за својот живот откако воените единици се приклучуваат на антивладините протести предводени од Генерацијата Зет;
13 октомври
– Хамас ги врати последните 20 преживеани израелски заложници, а Израел ослободи 2.000 палестински затвореници и притвореници, нешто повеќе од две години по терористичкиот напад на Хамас и воениот одговор на Израел;
14 октомври
– Армијата на Мадагаскар ја презема власта откако претседателот Андри Раџоелина е импичмент за напуштање на својата функција по неколку недели масовни антивладини протести;
19 октомври
– Ограбен парискиот музеј Лувр, при што крадците зедоа осум парчиња накит од времето на Наполеон во вредност од над 100 милиони долари;
21 октомври
– Парламентот на Јапонија ја избра лидерката на конзервативната Либерално-демократска партија Санае Такаичи (64) за премиерка. Таа е првата Јапонка на премиерската функција;
25 октомври
– Кетрин Коноли е избрана за 10-ти претседател на Ирска;
26 октомври
– Најмалку 2.000 невооружени цивили се убиени од страна на Силите за брза интервенција (РСФ) во Ел-Фашер, северен Дарфур, Судан;
28 октомври
– Ураганот Мелиса ја погоди Јамајка како бура од категорија пет, поради што повеќе од 500.000 луѓе останаа без електрична енергија;
– Голема полициска рација против криминални банди и трговци со дрога во Рио де Жанеиро, Бразил. Во судирите со полицијата загинаа најмалу 132 лица;
30 октомври
– Бакингемската палата објави дека на принвцот Ендру му се одземаат сите титули поради неговата поврзаност со починатиот осуден сексуален предатор Џефри
4 ноември
– Тајфунот Калмаеги на Филипините усмрти најмалку 142 лица;
– Демократот Зохран Мамдани е избран за 111-ти градоначалник на Њујорк. Тој е првиот јужноазиски и муслимански градоначалник на Њујорк;
10 ноември
– Поранешниот француски претседател Никола Саркози по три недели е ослободен од затвор и му е одреден домашен притвор додека се жали на пресудата за кривично дело заговор;
23 ноември
– Првпат по 10.000 години неактивниот вулкан Хајли Губи во регионот Афар во Етиопија исфрли пепел;
26 ноември
– Во пожар што избувна во станбениот комплекс Ванг Фук Корт во Хонг Конг загинаа најмалку 161 лица, а десетици се повредени;
27 ноември
– Циклонот Дитва предизвика поплави и свлечишта во Шри Ланка, при што загинаа 480 луѓе, а стотици се водат како исчезнати;
8 декември
– Земјотрес со интензитет од 7,5 степени според Рихтеровата скала го погоди североисточниот брег на Јапонија, при што е предизвикана материјална штета;
10 декември
– Во Австралија стапи во сила закон со кој на децата под 16 години им се забранети социјалните мрежи;
11 декември
– Владата на Бугарија поднесе оставка по неколкунеделните масовни протести против нејзините економски политики и корупција;
14 декември
– Татко и син отворија оган врз насобраниот народ на плажаа Бонди во Сиднеј, кои го прославуваа еврејскиот празник Ханука. Тие убија 15 лица, а повредни десетици. Австралиската полиција го застрела таткото;
24 декември
– По неколку недели разговори, Украина и САД подготвија нацрт-ревидиран мировен план за ставање крај на руската агресија. Американскиот мировен план за Украина содржи 20 точки, за кои сега се преговара со Русија.
Фото: архива




