Со традиционалното дефиле под маски денеска и официјално започна дел од Вевчанскиот карневал.

Маскирани, вевчанци, на сатиричен начин, зачувувајќи ја речиси 15-вековната традиција, ги прикажaа случувањата од изминатата година во јавниот и политичкиот живот како во земјата така и во светот. Секоја маска носи порака, став или критика кон општеството, политиката или секојдневниот живот. Се верува дека преку маските василичарите го бркаат злото и прочистени ќе ја дочекаат Новата година, според јулијанскиот календар, испраќајќи порака за промена на негативните случувања во општеството. И како што е добро познато, вевчанци, кои важат за љубезен и гостопримилв народ, верни на традицијата, ќе кажат сè, но до дефилето не откриваат во што ќе се маскираат. Изработката, велат, е сложен и креативен процес со рачно изработени оригинални идеи, што ги прават уникатни.

Вевчани денеска и утре ќе личи на театар на отворено, без сценарио и режија организиран од двете василичарски друштва „Горна“ и „Долна маала“ на чело со зетот, невестата, двата ѓавола и Глупавиот Август. Веднаш по нив следуваат другите маски, секоја со своја приказна ќе го привлече вниманието на присутните.
Дефилето започна од почетокот на селото движејќи се низ главната улица до центарот, каде што маскираните го вртат василичарското оро. Потоа ги посетуваат домовите на вевчанци со благослов за здравје и бериќет во новата година, а од домаќините се дарувани со луканци (колбаси), леб, пари и други дарови. Ноќта, пак, придружувани од другите соселани, одат на Вевчанските Извори, од каде што полнат вода, со која прават кашаник (зелник), во кој се става паричка. Кај оној што ќе се падне паричката, се верува дека ќе биде среќен и бериќетен во текот на целата година.

Утре, на верскиот празник Свети Василиј Велики, одат на имендени во семејствата чии членови го носат името на светецот. Доцна попладнето во центарот на Вевчани се собираат сите василичари, повторно играат оро и ги палат маските со симболика дека злото нема да се повтори.

Новата година, според јулијанскиот календар, ќе биде дочекана вечерта со спектакуларен огномет во центарот на Вевчани, а присутните ќе ги забавуваат Благоја Грујовски, Влатко Миладиновски со оркестарот на Златко Миладиновски, оркестарот со зурли и тапани „Вевчани“ и Перо Бели и групата „Вип“.

Манифестацијата почна синоќа со настапи на Влатко Лозаноски, рап-дуото „Пука козметика“ и „Брас брадрс“.













