Новата пирамида на исхрана: Речиси целосно обратна од досегашните препораки
Во САД овој месец беа објавени новите „Диететски упатства за Американците 2025-2030“ (‘Dietary Guidelines for Americans’ – ДГА). За разлика од претходните, подолги и бирократски документи, новите правила се на само околу 10 страници – но според експертите, значат целосно ресетирање на прехранбениот систем и во САД и пошироко.
Министерот за здравство на САД, Роберт Ф. Кенеди Помладиот ги објави новите федерални диететски упатства, охрабрувајќи ги Американците да ја ограничат високо преработената храна и да ги намалат рафинираните јагленохидрати.
– Многумина од вас би кажале: „Сѐ е превртено“. Но, всушност, сѐ беше превртено претходно, нагласи Кенеди.
За пораката „Јади вистинска храна“ (‘Eat Real Food‘), се чини, допрва ќе се говори. Пред сѐ, „ДГА“ пропишуваат внес од 1,2 – 1,6 грама протеини на килограм дневно, со нагласка на протеините во секој оброк. Списокот препорачани извори вклучува јајца, риба, живина, па и црвено месо – под услов производите да не содржат адитиви, шеќер и преработен скроб. Ова е радикално отстапување од децениските предупредувања против „премногу месо“, но исто така, и поткрепа на научните тврдења дека протеините го зголемуваат чувството на ситост, го забрзуваат метаболизмот и ја чуваат мускулната маса, особено во староста.
Натаму, друг новитет се млечните производи. „ДГА“ поттикнуваат користење полномасни намирници без додаден шеќер, со три порции дневно и до 2.000 калории. Притоа, упатствата ја напуштаат старата парадигма „малку маснотии е здраво“ бидејќи многу производи „без маснотии“, всушност, биле стапици со шеќер.
Нагласката сега е на едноставноста: помалку индустриска обработка, но без забрана на полномасното млеко и јогуртот, оти сѐ поголем број научници кои веруваат дека здравите масти не се непријател.
– Ѝ ставаме крај на војната против заситените масти. Мојата порака е јасна. Јадете вистинска храна – ништо не е поважно за резултатите од здравствената заштита, економската продуктивност, воената подготвеност и физичката стабилност, изјави Кенеди.
Зад овој документ стои тимот составен од поранешниот хирург д-р Кејси Минс, нејзиниот брат Кали Минс – лобист и критичар во прехранбената индустрија, Нина Тејхолц – авторка на книгата „Големото дебело изненадување“ (The Big Fat Surprise) и други научници од областа.
„ДГА“ сега дозволуваат и употреба на путер или говедска лој во подготовката на храна, додека се одржува ограничување од 10 отсто од вкупната енергија од заситени масти.
Меѓу новите мерки е и: максимум 10 грама додаден шеќер по порција, со тоа што вештачките засладувачи не се дел од здравата исхрана. Меѓутоа, некои критичари велат: Поимот „оброк“ не е дефиниран, па на некој што јаде двапати на ден, според ова упатство, му е дозволено само 20 г, а на оној кој јаде пет пати – 50 г на ден.
Аргументи против ултра-преработената храна
„ДГА“, повикувајќи се на класификацијата „НОВА“ (NOVA), нагласуваат дека „храната што изгледа како да е излезена од 3-Д-печатач не е храна“. Вештачките бои, ароми и засладувачи се особено вон дозволеното. Целта е враќање на исхраната кон интегрална храна.
Овој дел од документот има најширока поддршка: Од СЗО до истражувачите кои предупредуваат дека високиот степен на преработка на храна поттикнува прејадување и хормонален дисбаланс – скоро сите ги прифаќаат аргументите тука.
Новиот пристап кон алкохолот ги напушта бројчаните ограничувања („Еден пијалак за жени, два за мажи“) и ги заменува со пораката: „Пијте помалку за подобро здравје“.
Шеќери
Новите „ДГА“ јасно ги препознава вистинските причини за дебелината: вишок шеќер и прекумерно-преработена храна. Но, нивните решенија – висок внос на протеини, враќање на животинските масти и помалку алкохол – покренуваат нови прашања за долгорочните здравствени последици и практичната изводливост.
Сепак, добар дел од новите упатства носат силна логика: намалување на паштета, салама, чадени сушени месни производи полни со адитиви и нитрити, како и чипс и сите можни видови брза храна. Се препорачува риба, пилешко, мисиркино месо, јајца, јогурт, сирење во умерени количини, а исто така, и помалку леб и црвено месо, а што повеќе салата или варен зеленчук.
Исто така, се вели: Пијте вода, избегнувајте алкохол колку што е можно повеќе, избегнувајте газирани напитоци и сите видови сокови – без разлика дали се „природни“ или без шеќер, пијте чаеви и умерено со кафето – по можност без шеќер… И, намалете ги шеќер. Покрај тоа, оние со вештачки засладувачи секако треба да се прескокнат.
Предвесникот на новата политика
Старата пирамида на исхрана е разнишана пред околу 20 – 30 години, пишува списанието „Тајм“. Имено, во напис под наслов „Јадете путер: Научниците ги означија мастите како непријател. Зошто грешеа?“ од 2014 година јасно се признава дека битката против мастите е неуспешна стратегија.
Клучната порака е: Путерот не е „непријател број еден“, и се опишува како нутритивно „среден“ избор – подобар од шеќерот и рафинираните јаглехидрати, а полош од, на пр. – маслиновото масло, но никако не е „отров“ како што е прикажуван со десетлетија. Се вели и дека внесувањето путер не е поврзано со поголема опасност од срцеви заболувања, а е малку благотворно во однос на опасноста од дијабетес тип 2.
Стручњаци (на пр. Дејвид Лудвиг) велат дека со години предупредуваат дека фокусот на јавното здравје на елиминирање на мастите – наместо намалување на шеќерот и ултра-преработените јаглехидрати – бил погрешен.
Се споменува и дополнителна анализа на крвта на повеќе од 3.000 возрасни лица во којашто биомаркерите на млечните масти биле поврзани со околу 46 отсто помала опасност од дијабетес кај оние кои имале повеќе од овие маркери. Вистинскиот непријател, во таа смисла, е шеќерот и рафинираните скробови (во леб, бели житарки, сокови).
Написот истакнува оти исхраната со „ниска масленост“ не ги донела очекуваните придобивки и дека новите истражувања одат во прилог дека „демонизацијата“ на путерот била претерана и научно слабо поткрепена. Се признава и дека мастите биле „жртвеното јагне“ со десетлетија, додека вистинските проблеми биле скриени во шеќерот, белото брашно и ултра-преработената храна.

Одглас дома и преку океанот: Европа нема да копира сè кај себе
Научниците од американскиот Центар за наука и јавен интерес во Вашингтон и Центарот за биолошка разновидност во Тусон, ги сметаат официјалните упатства за премногу благи, нејасни и под влијание на политиката на американската прехранбена индустрија. Во заеднички одговор, тие ги објавија своите „Бескомпромисни препораки“, повикувајќи на построги ограничувања за ултра-преработена храна, додадени шеќери и црвено месо, како и посилен фокус на здравјето и животната средина.
„Додека месната и млечната индустрија можеби се воодушевени од новата пирамида на исхрана, американската јавност не треба да биде; упатствата за протеини и масти во оваа ‘ДГА’ се, во најдобар случај – збунувачки, а во најлош случај – штетни. Покрај тоа што дава контрадикторни препораки, документот, исто така, шири отворени дезинформации дека ‘здравите масти’ вклучуваат путер и говедска маст“, предупредуваат научниците.
Претседателот на Американскиот колеџ за кардиологија, доктор по медицина, Кристофер М. Крејмер, се сложува со препораките.
– Колеџот го признава и го цени објавувањето на новите федерални упатства за исхрана и останува посветен на помагање на клиницистите и пациентите да ги користат за поддршка на здравјето на срцето. Го поздравуваме вклучувањето на неколку важни препораки засновани на наука, вклучувајќи го и јадењето интегрално овошје и зеленчук; ограничување на додадените шеќери, високо преработената храна, заситените масти и шеќерните пијалоци; и вклучување интегрални житарки и здрави масти од интегрална храна како месо, морска храна, јајца, јаткасти плодови, семиња, маслинки и авокадо, изјави д-р Крејмер.
Претседателот на Федерацијата на Американското земјоделско биро, Зипи Дувал вели дека новите упатства за исхрана ја признаваат вредноста на висококвалитетните протеини, млечните производи и свежото овошје и зеленчук.
– Бирото со нетрпение очекува да соработува со Администрацијата за да се осигури дека одлуките за политиката за храна се засновани на наука и лесно разбирливи, така што американските семејства ќе имаат доверба при полнењето на своите полици, вели Дувал.
Американско-италијанската коалиција за храна, се согласува дека новите упатства за исхрана го препознаваат она што италијанските и медитеранските традиции на храна го покажуваат со векови – ниедна поединечна храна не го одредува здравјето. Наместо тоа, се вели, рамнотежата, умереноста и разновидноста во сите групи на храна се клучеви за долгорочна благосостојба.
Според многумина, новите упатства се залагаат за поддршка на американските земјоделци и сточари. „Јадете вистинска храна“, на тој начин, станува слоган на национализмот во областа на храната, заедно со политичкото отстапување од корпоративниот модел на глобална исхрана. Проф. д-р Дарија Вранесиќ Бендер од Хрватска истакна дека од упатствата на „ДГА“ се гледа дека креаторите на документот не биле водени од важните прашања за одржливоста и јаглеродниот отпечаток.
– Тоа има важна улога во развојот на упатствата за храна на ЕУ. Сѐ ова е проблематично бидејќи изборот на храна значително влијае на животната средина, а во истовреме е силно обликуван од социоекономските и културните фактори, вели таа.
Се верува дека Европската Унија и Европската агенција за безбедност на храната (ЕФСА) сè повеќе ја поврзуваат политиката за храна со климатските и одржливите цели, со нагласка на исхраната заснована на растенија и со помалку месо. Следствено, Европа веројатно ќе прифати дел од пораките за шеќерите, ултра-преработената храна и засладувачите – но враќањето на Америка кон црвено месо и говедска маст ќе биде потешко да се следи.
Фото: „ДГА“, архива




