Почина српската пејачка Сенка Велетанлиќ, која на македонската јавност ѝ беше позната и како сопруга на реномираниот пејач и актер Зафир Хаџиманов.

На 90-годишна возраст денеска почина Сенка Велетаниќ, објави на Фејсбук нејзиниот син, Васил Хаџиманов.

„Мајка ми Сенка Велетанлиќ нè напушти утрово по тешка болест. Замина тивко, достоинствено, во сон, како дама, токму како што и доликува“, напиша Хаџиманов на Фејсбук.

Родена е на 27 мај 1936 година во Загреб, каде што дипломирала на Економскиот факултет.

Имала три години кога почнала да пее на радио, а за време на студиите пеела во познати загрепски хорови.

Првите снимки ги направила за Радио Загреб во 1958 година, а веќе во 1960 година, на фестивалот во Опатија, ја испеала песната „Ноќ без ѕвезди“ и се искачила меѓу ѕвездите на југословенската музичка сцена. Набрзо станала препознатлива по својата елеганција и префинетост, секогаш професионална, воздржана и темпераментна во својата интерпретација.

Заедно со својот сопруг Зафир Хаџиманов, снимила многу успешни телевизиски емисии, мјузикли и шансони.

Во 1967 година, Сенка и Зафир го одржаа својот прв рецитал во Ателје 212 во Белград, а ТВ Белград за првпат сними концерт со „лесни ноти“ во живо.