Основниот кривичен суд Скопје денеска му изрече затворска казна од четири години на поранешниот директор на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина, Мухсин Арифи, и затворска казна од една година и десет месеци на Блерим Амити, вработен во установата, во случајот „Геријатрија“, поврзан со примање поткуп и награда за противзаконито влијание.
Судот ги огласи двајцата обвинети за виновни, оценувајќи дека во целост се докажани наводите од обвинителниот акт.
– При определувањето на видот и висината на кривичната санкција, Судот ги имаше предвид сите околности предвидени во член 39 од Кривичниот законик, кои се однесуваат на индивидуализацијата на казната. Како отежителни околности, судот ги ценеше видот, карактерот и тежината на кривичните дела, начинот на нивното извршување, условите под кои се сторени, како и фактот дека делата се сторени со цел стекнување материјална корист, изјави судијката Ленка Давиткова при образложувањето на пресудата.
Таа додаде дека Судот ја ценел и опасноста од повторување на кривични дела, степенот на кривичната одговорност на обвинетите, организираноста и упорноста при извршувањето, како и искористувањето на тешката здравствена и социјална состојба на сведокот во конкретниот случај.
– Судот особено го ценеше фактот дека со извршувањето на вакви кривични дела се нарушува довербата на граѓаните во институциите на системот, имајќи предвид дека обвинетиот Мухсин Арифи делото го сторил како службено лице во јавна здравствена установа. Од друга страна, Судот го имаше предвид и фактот дека обвинетиот има високо образование, што укажува на поголем степен на свесност и можност за воздржување од сторување вакви кривични дела, особено кога станува збор за дела сторени од страна на службени лица, рече Давиткова.
Како олеснителни околности, посочи, Судот ги ценел личните, семејните и материјалните прилики на обвинетите. Причините за донесувањето на ваквата одлука, судијката појасни дека ќе бидат детално образложени во писмено изготвената пресуда, против која странките имаат право на жалба до Апелациониот суд во Скопје.
Според обвинителниот акт, Арифи побарал имотна корист од 20.000 евра за да овозможи прием на пациентка во тешка здравствена состојба во установата со која раководел. Амити, кој го познавал сведокот, се понудил да посредува и ја примил паричната сума, по што бил фатен на самото место од полицијата.
Обвинетите во текот на судскиот процес изјавија дека не се чувствуваат виновни и ги негираа наводите од обвинението.
Судот при одлучувањето ги ценеше изведените материјални докази, исказите на сведоците и завршните зборови на странките, при што оцени дека се докажани сите елементи на кривичните дела.
Судскиот процес го водеше судијката Ленка Давиткова, а обвинението го застапуваше обвинителката Искра Хаџи Василева. Против пресудата странките имаат право на жалба во законски предвидениот рок. (МИА)




